Шефот на пакистанската дипломатија Шах Махмуд Куреши изјави дека нема да присуствува на состанокот на министри за надворешни работи на Организацијата за исламска сорабтока (ОИЦ).
Куреши нема да учествува на состанокот во главниот град на Обединети Арапски Емирати, Абу Даби, бидејќи присуство најави индиската министерка за надворешни работи Шушма Свараџ.
– Нема да отидам на советот на министри за надворешни работи – истакна Куреши пред Парламентот, додавајќи оти пониско рангирани официјални лица ќе ги претставуваат интересите на Пакистан.
Тој најави дека соборениот индиски пилот во текот на денот ќе му биде предаден на индиските власти со цел да се деескалира кризата помеѓу двете азиски нуклеарните земји.
– Како гест на мирот и со цел да деескалираат работите, индискиот пилот, кој го заробивме ќе биде ослободен денеска попладна на границата Вагах – посочи Куреши.
Пакистан на 27 февруари соопшти дека собори два индиски воени авиона, само еден ден откако индиските борбени авиони извршија напади врз пакистанскиот дел на Кашмир во знак на одмазда за самоубиствениот напад врз индиските безбедносни сили во Кашмир, што се случи на 14 февруари, при што загинаа најмалку 40 индиски војници.