Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со критики откако го прими поранешниот специјалец од морнаричките „фоки“ Еди Галагер, кој беше обвинет за воени злосторства, во неговата резиденција во Мар-а-лаго, пренесува „Њузвик“.
Галагер се соочи со обвинение од седум точки поврзани со неговата служба во ирачки Мосул, за време на битката за одбрана на градот од борците на Исламска држава. Тој беше ослободен по шест точки, но беше прогласен за виновен поради фотографирање покрај телото на дете-борец.
Трамп интервенираше во случајот на Галагер наспроти барањата на војската да не го прави тоа. Галагер деградиран во службата по пресудата, но американскиот претседател истакна дека таа одлука ќе биде поништена.
Викендов, претседателот и првата дама Меланија Трамп го пречекаа Галагер во претседателската резиденција во Мар-а-лаго во Палм Бич. Фотографија од нивната средба беше објавена на инстаграм-профилот на Галагер. Поранешниот припадник на „фоките“ му се заблагодари на Трамп за интервенцијата во неговиот случај и му даде подарок донесен од Ирак.
Пранешниот федерален обвинител Глен Киршнер беше меѓу оние што го критикуваа претседателот пишувајќи на Твитер „Трамп учествуваше во смртта на пристојноста. Нашата влада е непрепознатлива“.
Американските медиуми исто така го изразија нивното негодување. Адам Сервер го нарече Трамп „претседателот на воените злосторства“ во неговата колумна за магазинот „Атлантик“. Магазинот „Тајм“ објави напис под наслов „Нашите трупи заслужуваат подобро од помилувањата на Трамп“, а „Њујорк тајмс“ пишуваше за „дивјачката неправда од воените помилувања на Трамп“.
– Трамп се гордее со бранење на американските војници обвинети за воени злосторства. Минатиот месец тој помилува двајца други војници. Но претседателот не се извинува за неговата одбрана на американските воени злосторници. На митинг во Флорида во ноември, тој кажа, ќе се грижиме за нашите воини. И секогаш ќе се залагам за нашите големи борци – пишува „Њузвик“.
Одбраната на обвинетите и осудените американски војници од страна на Трамп, создаде тензии помеѓу Белата куќа и војската. Во случајот на Галагер, секретарот на морнарицата Ричард Спенсер ја загуби неговата работа, откако беше принуден да поднесе оставка.