Властите на Нов Зеланд размислуваа за промена на сопственото знаме, но откако таа идеја не се оствари, се чини дека се насочија кон менување на државното обележје на соседната Австралија, кое е слично.
На Новозеланѓаните им беа потребни 10 месеци и 17 милиони долари за да одлучат дека не сакаат да го менуваат знамето, откако тогашниот премиер Џон Ки го поддржуваше конкурсот за нов дизајн на државното обележје и организирањето на референдум по прашањето. Но, 57 отсто од граѓаните на Нов Зеланд се изјаснија за задржување на знамето, на референдумот во 2016 година, пишува „Вашингтон пост“.
Сегашниот вршител на должноста на премиер на Нов Зеланд, Винстон Питерс, пак, ја обвини Австралија за копирање на знамето на неговата држава, кажувајќи им на соседите да направат сопствен дизајн.
– Знамето што го имаме долго време беше ископирано од Австралија. Тие треба да го сменат знамето и да го почитуваат фактот што ние први го направивме овој дизајн – порача Питерс.
Изгледот на двете знамиња е сличен, бидејќи се базираат на британските обележја кои се поставени на темносина основа. Заеднички се сојузното знаме на Обединетото Кралство во горниот лев агол и соѕвездието покрај него. Разликата е во ѕвездите, кои се бели на австралиското знаме (наспроти црвените на Нов Зеланд), кое има и една ѕвезда повеќе. Нов Зеланд го усвои државното знаме во 1901 година, а Австралија во 1954 година.
Помеѓу соседите неодамна се јавија тензии, откако Австралија почна да ги депортира државјаните на Нов Зеланд кои се осудени за криминал.