Ноќта на 28 февруари во 1986 година, додека шведскиот премиер Улоф Палме, заедно со неговата сопруга Лисбет, се враќаа кон нивниот стан од киното „Гранд Синема“, беа застрелани од непознат напаѓач. Шведскиот премиер им подлегна на повредите, а атентатот стана една од најголемите мистерии на Шведска. Прикажувањето на тогашните настани во адаптацијата на стриминг-гигантот „Нетфликс“, 35 години подоцна, за Швеѓаните, сепак, не е доволна за да се затвори истрагата за убиството на Палме, пренесува „Јуроњуз“.
Откако истрелал неколку куршуми во Палме и неговата сопруга Лисбет, напаѓачот избегал од местото на настанот, а се чини како веднаш да исчезнал од лицето на земјата. Палме им подлегна на повредите, а убиството беше пресвртен момент за шведската политичка сцена.
По истрагата долга 35 години, се претпоставува дека убиецот на Палме е главниот осомничен, графичкиот дизајнер Стиг Енгстром. Но, истрагата беше прекината кога тој почина во 2000 година. Енгстром бил испрашуван од полицијата кон крајот на 1980-тите, но бил отфрлен како можен осомничен. Тој, исто така, се појавил како сведок ноќта на убиството, давал интервјуа за шведските медиуми и ја критикувал полициската истрага.
Како дел од полициската истрага биле сослушани 100.000 лица. Полициските наоди тесно се совпаѓаат со оние на Томас Петерсон, автор на бестселерот „Неверојатниот убиец“, објавен во 2018 година. Во книгата се заклучува дека Енгстром најверојатно е атентаторот на Палме. Книгата на Петерсон беше инспирација за истоимената серија на „Нетфликс“, која во Европа започна да се емитува на 5 ноември.
Петерсон без двоумење вели дека Енгстром е убиецот, но бидејќи тој е починат, нема како да се дојде до негова изјава за целосно да се расветлат настаните. Значи, истрагата е прекината, а не затворена. На почетокот на серијата, „Нетфликс“ во првиот кадар посочува дека станува збор за програма „заснована на нерешено злосторство“.
Но, скептиците се разочарани. Писателот Јан Стокласа, кој со години го истражувал убиството на Палме и исто така објави бестселер за случајот, насловен „Човекот кој си играше со оган“, вели дека е разочаран, а серијата е „измамничка“.
– Серијата е блиску до реалноста. Секој што ќе ја погледне би помислил, ако повеќето од овие настани се вистина, тогаш целата серија е вистина, што не е така во случајот. Дури во 2020 година, оние кои открија дека Енгстром е главниот осомничен, не понудија никакви нови докази. Ако тоа што го имаа беше доволно за да го именуваат како убиец, тогаш зошто не беше доволно да го уапсат и осудат во 1980-тите – прашува Стокласа.
Што се однесува до критиките за серијата на „Нетфликс“, Петерсон вели дека серијата е измислена, односно фиктивен приказ на неговата книга и не претставува факт.
– Верувам дека гледачите се доволно паметни за да ја знаат и направат разликата. Мислам дека ниту мојата книга, ниту серијата на „Нетфликс“, ќе бидат доволни за да го решат случајот на Палме за Швеѓаните. Далеку од тоа, тие ќе доведат до повеќе дебати, повеќе истраги и повеќе заклучоци. Како што треба да биде – тврди Петерсон.
Како пратеник, Палме направи раздор во внатрешната и надворешната политика на Шведска. Тој инсистираше на проширување на социјалната држава и зајакнување на синдикатите, а остро ги критикуваше САД, особено за време на војната во Виетнам. Палме беше и поддржувач на Фидел Кастро. Годината кога беше убиен, тој го служеше неговиот втор мандат по изборите во 1982 и 1985 година, а економијата во Шведска се соочуваше со големи предизвици.
Триесет и пет години подоцна, смртта на Палме сѐ уште е причина за раздор во Шведска. Некои веруваат дека зад неговото убиство стои ЦИА, други пак, ги обвинуваат јужноафриканските тајни служби, поради гласните критики на Палме на нивниот режим.