Израелската армија објави дека 120 проектили биле истрелани од Појасот Газа во текот на ноќта. Продолжена е вонредната состојба во градот Лод. Израел го уништи складиштето за оружје на Хамас.
Израелско-палестинскиот конфликт влезе во седми ден. Во судирите меѓу Хамас и израелските безбедносни сили загинаа 150, а ранети се повеќе од 1.000 Палестинци, пишуваат светските агенции. Хамас од синоќа од 19 часот па се до утрово до раните утрински часови лансирал околу 120 ракети од кои 11 завршиле во појасот Газа, соопшти израелската армија.
Ракети биле истрелани од Појасот Газа кон неколку градови во јужен и централен Израел, пренесуваат израелските гласила.
Израелската национална служба за итни случаи „Маген Давид Адом“ објави дека 10 лица биле повредени во нападите додека бегале во засолништата.
Милитантниот Хамас ја презеде одговорноста за нападите.
За време на неколку рафални ракети во израелските градови се огласија сирените.
Жителите на јужниот дел на Израел изјавија дека виделе десетици ракети исфрлени од Појасот Газа.
Израелските одбранбени сили одговорија со контранапади, а „Ројтерс“ наведува дека била погодена и куќата на водачот на Хамас во Појасот Газа.
Рано утрово, Израел истрела ракети кон голем број згради и витални сообраќајници во Појасот Газа.
Обраќајќи се на нацијата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека операциите во Газа не се завршени и дека секој што ќе се однесува како терорист ќе биде казнет.
Сите меѓународни авиокомпании ги прекинаа летовите кон Израел од безбедносни причини, објави израелското државно радио.
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска повторно ќе се состане за да разговара за конфликтот меѓу Израел и Хамас.