Бруталните напади против политичките противници, преполни со отворен расизам, шокираа поголем дел од американската јавност. Како што сѐ повеќе се приближуваше денот на гласањето, така сѐ пожестоки стануваа реториката и пораките на политичките реклами, оценува „Гардијан“

Вчерашните избори за двата дома на американскиот Конгрес ќе бидат запаметени по една од највалканите политички кампањи во поновата историја на САД. Бруталните напади против политичките противници, преполни со отворен расизам, шокираа поголем дел од американската јавност. Како што сѐ повеќе се приближуваше денот на гласањето, така сѐ пожестоки стануваа реториката и пораките на политичките реклами. Па, така, без преседан беше поддршката на актуелниот шеф на Белата куќа за контроверзните реклами, исполнети со предрасуди и расизам. Претседателот Доналд Трамп само пред неколку дена објави видеоснимка, која ширеше паника за мигрантите и лажно ги обвини демократите дека се одговорни за убиството на двајца полицајци во Калифорнија.

Иако медиумските организации брзо реагираа и посочија дека рекламата што Трамп ја објави на својот профил на Твитер не е точна, ова не е првпат американскиот претседател да поддржи лажни и расистички коментари за имиграцијата. Милијардерот Трамп ја почна политичката кариера во 2015 година, обвинувајќи ги мексиканските мигранти дека се „силувачи и криминалци“. Сегашните избори за Конгресот и Сенатот покажаа една неверојатно широка употреба на екстремистичка реторика, која сега поминува како „нормална“ за политичкото рекламирање.

Во сенаторската трка за Тенеси, републиканката Марша Блекбурн, позната како голема поддржувачка на Трамп, ги одмери силите со демократот и бивш гувернер Фил Бредесен. Минатата недела, Блекбурн објави политичка реклама преплавена со лажни информации за групата мигранти што бавно се приближува кон американско-мексиканската граница. Во сличен стил на реториката на Трамп, рекламата прикажа дека групата на мигранти е полна со „членови на криминални банди, познати криминалци, луѓе од Блискиот Исток, а можеби и терористи“. Покрај тоа, рекламата го обвини Бредесен дека ја загрозува националната безбедност. Во Џорџија, пак, се водеше тесна трка за гувернер помеѓу републиканецот Брајан Кемп и демократката Стејси Абрамс, која ако победи, ќе стане првата гувернерка со афроамериканско потекло во историјата на САД. Рекламите на Кемп беа исполнети со лажни обвинувања до Абрамс, дека наводно се обидувала да им овозможи на нелегалните мигранти да гласаат.

Во други реклами, цел на нападите беа расната или религиозната припадност на кандидатите. Во Њујорк, Националниот републикански конгресен комитет објави реклама против демократот Антонио Делгадо, афроамерикански научник што објави рап-албум во 2007 година. Во рекламата, Делгадо е прикажан како „рапер од големиот град, кој не е како нас“.

Некои од рекламите беа уште подиректни. Во Калифорнија, Амар Кампа-Најар, Американец со латино-арапско потекло и христијанин по вероисповед, беше лажно обвинет дека има врски со Муслиманското братство. На една од републиканските реклами беше објавено дека Кампа-Најар претставува „ризик за безбедноста“.
Најновите истражувања на агресивните политички реклами, користени во американските избори во 2010 и 2012 година, покажуваат дека тие се ефикасна алатка за убедување на неопределените гласачи и зголемување на одзивот.

– Кампањите ги користат бидејќи тие функционираат. Сите податоци покажуваат дека негативните реклами имаат поголемо влијание од позитивните реклами – оценува Лиам Донован, поранешен стратег на Републиканската партија.

Но експертите се сомневаат дека ширењето очигледни лажни и полни со предрасуди напади ќе ги премисли гласачите од спротивниот табор.

– Сите реклами на Трамп сега имаат цел да ја мобилизираат неговата гласачка база, и само неговата база. Тој сега не посегнува надвор од неговата база. Фокусот е на тврдокорните гласачи – истакнува Рик Вилсон, републикански стратег и медиумски консултант.

Милиони реклами се користат во изборните циклуси и се пренесуваат на телевизиите, радиостаниците и сѐ повеќе на социјалните медиуми. Според „Борел асошиејтс“, на сите избори годинава ќе бидат потрошени околу осум милијарди долари за политички маркетинг.


Фокс, Ен-би-си и Фејсбук ја повлекоа расистичката реклама на Трамп

Фокс њуз, Ен-би-си и Фејсбук ја повлекоа политичката реклама на Доналд Трамп, која остро беше критикувана дека е расистичка. Антиимигрантската реклама, платена од Трамп за претседателската кампања, беше објавена од американскиот претседател на Твитер и пренесувана и од Ен-би- си и од Фокс њуз во текот на викендот. Си-ен-ен претходно одби да ја објави рекламата, отфрлајќи ја како расистичка.
„Гардијан“ наведува дека рекламата по сѐ изгледа беше обид за поврзување на мигрантскиот карван од Централна Америка и бегалците што бараат азил во САД, со нелегалниот имигрант од Мексико Луис Бракамонтес, кој уби двајца полицајци во Калифорнија во 2014 година.