Пред точно 20 години, две вооружени лица влегоа во средното училиште „Колумбајн“, и во помалку од еден час, застрелаа 12 ученици и еден професор. Иако ова не беше првиот инцидент од ваков тип во американско училиште, впечатоците и силната траума која го предизвика овој настан одекна силно, како во САД, така и низ целиот свет.
За првпат, новински екипи беа стационирани пред училиштето во период од неколку недели, пренесувајќи ги настаните од таму во период од 24 часа. По немилиот настан, повиците за поголема контрола на оружјето во Америка стануваа сè посилни.
По смртта на 13-те лица на 20 април 1999 година, според пишувањата на „Индепендент“, епидемијата на насилство предизвикано со огнено оружје во училиштата непрекинато продолжува.
Во деновите, неделите и годините од настаните во „Колумбајн“, 226 илјади деца биле изложени на насилство со оружје додека биле во училиште, податоци објавени од „Вашингтон пост“ кои илустрираат дека токму претходно споменатата епидемија која ги „зарази“ САД има огромен опфат и оние кои преживеале ваков тип на насилство навистина имале многу среќа.
Во последните 20 години, деца во дури 233 американски училишта биле изложени на некаков вид на насилство поврзано со огнено оружје. Од 1999 година до денес, во училиштата во САД загинале 143 деца, наставници или други лица кои биле убиени од оружје, а повредени биле дури 294 лица.
Статистиката покажува дека од настаните во „Колумбајн“ до денес имало три напади во училишта во САД каде имало повеќе од 13-те жртви во Литлтон, Колорадо. Нападот во средното училиште „Марџори Стоунман Даглас“ во Паркленд Флорида минатата година, резултираше со 17 загинати ученици и вработени во училиштето. Слично, нападот во основното училиште „Сенди Хук“ во Њутаун, Конетикат во 2012 година, резултираше со дури 28 жртви, од кои 20 беа деца. Најсмртоносен беше нападот во универзитетот „Вирџинија тек“, каде во 2007 година загинаа 33 лица, пишуваат од „Индепендент“.
И додека нападите во училиштата во САД остануваат релативно ретки, постои зголемување во 2018 година. Лани, во земјата имаше најмалку 25 различни видови на пукање со огнено оружје во училиштата, вклучувајќи го и смртоносниот напад во Паркленд.
Оваа епидемија, како што ја нарекува „Идепендент“, предизвика американските училишта да потрошат 2,7 милијарди долари за зацврстување на инфраструктурата на училиштата, пристап кој американските политичари го користат за да не стапат во несогласување со Националната асоцијација на огнено оружје со зацрвстување на законите за поседување на огнено оружје.
На повеќе од 1,3 милиони луѓе од 1998 година до денес им било забрането поседување на огнено оружје во САД, кога ФБИ започна да го проверува досието на сите оние кои имаат намера и сакаат да купат пушки во земјата.