Канадската полиција го идентификува напаѓачот, кој со комбе уби десет лица и рани најмалку 15 луѓе во предградие на Торонто. Станува збор за Алек Минасиан, 25-годишен студент за кој колегите велат дека го знаат како повлечен и безопасен. Засега не се познати мотивите за инцидентот, кој ја шокира канадската јавност, и дали нападот е поврзан со џихадистички терористи.
– Не беше друштвен човек, но колку што се сеќавам беше сосема безопасен – изјави Шерин Чами, негова поранешна колешка од одделот за лица со посебни потреби во средното училиште „Торнли“ што го завршил.
Американските медиуми претходно јавија дека Минасиан се наоѓа во притвор, а се очекуваше вчера да се појави пред суд кога ќе биде објавено и обвинението против него. Се истакнува дека сѐ уште не е познато дали влетувањето во луѓе било намерно или се работи за возачка грешка. Еден од сведоците на нападот со комбето рекол дека возачот не изгледал дека се труди да запре.
– Ако беше несреќа, тој ќе запреше. Меѓутоа, тоа лице само продолжи да вози по тротоарот. Можеше да запре – истакна сведокот Питер Канг за Си-ти-ви њуз.
На видеоснимката, која ја емитуваше Си-би-си, се гледа маж што има вперено предмет кон полицаец, кој му вика да легне, додека тој му повторува „убиј ме“.
Полицијата соопшти дека изнајменото бело комбе од фирмата „Рајдер“ пешаците ги удрило на крстосницата меѓу улицата Јонги и авенијата Финч, а на телевизиските снимки беше емитувано укажувањето помош на ранетите лица што лежеа на тротоарот.
Канадскиот министер за јавна безбедност Ралф Гудејл го оцени инцидентот како „многу сериозен“, без да соопшти повеќе детали. Засега не е познато дали станува збор за сообраќајна несреќа или за планиран напад. Неименуван извор од безбедносните служби на САД изјави дека претпоставуваат оти мотивот на напаѓачот е тероризам.
Во канадскиот образовен систем терминот „специјални потреби“ се однесува на лица што имаат тешкотии во учењето, бихевиорални тешкотии како и физички недостатоци. Официјални лица соопштија дека Минасиан не ѝ бил познат на полицијата од претходно.
До неговата фејсбук-страница не можело да се пристапи преку интернет-страницата, но според верзијата до која можело да се пристапи преку интернет-архива, тој бил студент во колеџот „Сенека“ од 2011 до април 2018 година, училиштето „Торнли“ го завршил во 2011 година, а како стручно познавање навел развој на софтвер. Според објава од септември 2013 година, тој почнал да работи во Центарот за развој на отворена технологија на колеџот „Сенека“ и објавувал информации за својот напредок во развојот на софтвер сѐ до март 2014 година.