Затворениот руски опозиционер Алексеј Навални кој стапи во штрајк со глад, доби посета од Марија Бутина, агентката која беше осудена и затворена поради обвиненија за заговор за инфилтрирање во политичките организации во САД. Според објава на твитер-профилот на Навални, Бутина го посетила како известувач на руската телевизиска мрежа „Раша Тудеј“, пренесува „Вашингтон пост“.
– Наместо доктор, денес дојде пропагандистката од „Раша тудеј“, Бутина, заедно со две камери. Таа галамеше дека ова е најдобриот и најудобен затвор – пишува на твитер-профилот на рускиот опозиционер.
На Твитер се тврди дека Навални „и држел предавање“ на Бутина пред другите затвореници во текот на 15 минути, нарекувајќи ја „паразит и слуга на крадците“.
Навални е затворен во казнената колонија број 2, на околу 150 километри од Москва, каде што се жали дека чуварите постојано го будат во текот на ноќта.
Објавите на Навални на социјалните мрежи се вршени во негово име од страна на блиските соработници, бидејќи тој нема пристап до интернет во затворот. Навални беше затворен кога се врати во Русија во јануари, по лечењето поминато во Германија, каде што закрепнуваше од наводното труење со нервен агенс. Тој е осуден на две и пол години затвор поради прекршување на условна казна во случај од 2014 година.
Бутина, пак, беше уапсена во САД во 2018 година, а потоа и осудена на 18 месеци затвор во април следната година. Таа се изјасни како виновна за обвиненијата за заговор за инфилтрирање во САД како странски агент. Бутина беше пуштена од затвор и депортирана во октомври 2019 година. Подоцна објави и книга за времето поминато во затвор во САД.