При минатонеделниот упад во американскиот Конгрес можеа да се забележат демонстранти со обележја на кои беше истакната буквата од англиската абецеда „ку“ (Q) – симболот на „КуАнон“, теоријата на заговор (тврди дека припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп – н.з.) која инспирираше многумина од нив. Американската влада и социјалните мрежи долго време одбиваа сериозно да ја сфатат заканата од мрачните предели на Интернетот. Беа потребни насилство и уништување во седиштетото на американската моќ за одредени претставници на власта и на технолошките компании конечно да го прифатат постоењето на заканата, пишува „Форин аферс“.
Примамливоста на Интернетот ги заслепи законодавците во американската влада и во технолошкиот сектор. Тие не беа способни да ги прифатат општествените појави како што е расизмот, кој ги поттикна дезинформациите и екстремизмот, и кој придонесе да се избегнува носењето на тешки одлуки во врска со слободата на говор.
Како резултат на ваквата ситуација, одговорните во јавниот и во приватниот сектор го игнорираа ширењето на опасни идеи на Интернет, како и на раширените мрежи на радикализирани Американци, кои ги веруваат во неоснованите тврдења на „КуАнон“. По упадот во Конгресот, невозможно е да е се игнорираат овие алармирачки онлајн трендови.
Знаците дека би можело да дојде до насилство беа присутни на Интернет. Пораките кои ги охрабруваа „патриотите“ да ја „вратат назад нивната држава“ преку кампањата „Операција окупирање на Капитол“, се појавуваа на страниците кои го поддржуваат Трамп на Фејсбук и на Инстаграм. Но ваквата содржина не успеа да ги испровоцира надлежните органи за порешителна акција. И покрај тоа што американската влада почна да посветува повеќе внимание на насилството кое можат да го предизвикаат онлајн движењата. ФБИ го именува „КуАнон“ како домашна терористичка закана во 2019 година.
Но случувањата во Конгресот се гласен повик за будење. САД конечно беа шокирани за да разберат оти информациите кои луѓето ги консумираат на Интернет имаат последици во реалниот живот, во поглед на јавното здравство, безбедноста и демократијата, заклучува „Форин аферс“.