Експлозијата во Бејрут е трета по моќност во историјата, веднаш по експлозиите на нуклеарните бомби во Хирошима и Нагасаки, вели Кристофер Базби, британски експерт за ефекти на јонизирачко зрачење и научен секретар на Европскиот комитет за ризици од радијација.
Гувернерот на Бејрут, Марван Абуд веќе ја спореди експлозијата во градското пристаниште, по која настана и катастрофална „печурка“, со експлозиите од нуклеарните бомби во јапонските градови во 1945 година.
Британскиот експерт има и научна аргументација за таквата споредба. Во пристаништето во Бејрут експлодирале над 2.700 тони шалитра, хемиско соединение кое има слична експлозивна сила како ТНТ.
– Бомбата во Хирошима имаше сила меѓу 10 и 12 килотони ТНТ, според тоа, експлозијата во Либан имаше една третина од силата на бомбата во Хирошима – вели Базби.
Тој објаснува и дека „печурката“ за време на екплозијата во Бејрут се појавила на сличен начин како што тоа се случува кај нуклеарните бомби.
– Силниот удар создаде компресивни прстени во водената пареа, како што ќе направи нуклеарната бомба кога ќе експлодира во близина на водената површина – тврди британскиот научник.
Тој додава дека експлозии на слични хемиски соединенија како во Бејрут се случиле во минатото, но ниту една не била толку силна како оваа во Либан.