Две градинки и 11 училишта во Москва денеска примиле анонимни дојави за бомби, а во исто време биле евакуирани и две илјади лица од зградата на бизнис-центарот „Станиславски“, откако анонимно лице телефонски предупредило дека во објектот исто така има бомба.
Зградата, во која, меѓу другите, се и просториите на Радио-7, театарско студио и студија на компанијата „Волт Дизни“, и претходно добивала закани за подметнати бомби, потсетуваат руските медиуми.
Некои објекти веќе се проверени и не е пронајдена никаква опасност од евентуална експлозија.
Изминатите месеци непознати лица преку мејл испраќаа закани за поставени експлозивни направи во бизнис-центри, продавници и училишта во поширокиот регион на Москва.
Сите закани се проверени и сите до една се покажаа како невистинити.