Суд во Сан Франциско пресуди дека американскиот агрохемиски гигант „Монсанто“ треба да му плати отштета од 289 милиони долари на градинар заболен од рак, затоа „што не го информирал за ризиците од користење“ на неговиот хербицид „Раундап“.
Судот оцени дека „Монсанто“ се однесувал „злонамерно“ и дека хербицидот „значително придонел“ за појава на болеста на градинарот Дивејн Џонсон.
– Овој проблем е поважен од мене. Се надевам дека ќе го добие вниманието што го заслужува, изјави 46-годишниот Џонсон по изрекувањето на пресудата.
Џонсон во тужбата против „Монсанто“ бараше отштета од над 400 милиони долари, тврдејќи дека хербицидот довел до појава на болеста и дека компанијата свесно го прикривала неговото штетно влијание.
Адвокатите на „Монсанто“ најавија жалба на пресудата.
Случајот на Џонсон е еден од неколкуте илјади што се водат против „Монсанто“ пред федерални или државни судови во САД во врска со штетните последици на хербицидот „Раундап“.