Нов бран на платеници од Судан се борат во Либија, зголемувајќи ги стравувањата дека конфликтот во државата на северот од Африка се претворил во несопирлива меѓународна војна што би можела да го дестабилизира и регионот, пренесува „Гардијан“.
Лидерите на две групи на судански борци активни во Либија во изјава за британскиот весник потврдија дека регрутирале стотици нови борци во изминатите неколку години. Двете групи се борат на страната на Либиската национална армија на одметнатиот генерал Халифа Хафтар против меѓународно признаената влада во Триполи.
– Доаѓаат голем број на млади луѓе. Дури немаме капацитети за да ги примиме сите – вели лидерот на една од паравоените единици.
Соговорниците на „Гардијан“ тврдат дека во Либија се борат најмалку три илјади судански платеници, што е повеќе од првичните процени. На почетокот на месецов Обединетите нации ја потенцираа заканата од суданските платеници во Либија. Суданските борци имаат искуство од Дарфур, нестабилниот регион во Судан, каде што учествуваа во серија бунтови против локалните милиции и државната армија.
– Знам дека ние сме платеници и оти не се бориме со чест и достоинство, но ова е привремено. Ќе се вратиме дома кога ќе заврши нашата мисија тука – истакна еден од суданските платеници.
Неговите соборци посочуваат дека војувањето во Либија за нив претставува единствен начин за собирање средства неопходни за идните борби против државните власти во Судан.
– Помладите луѓе доаѓаат за да заработат пари. Тоа може да потрае една, две или повеќе години додека конфлитот не стивне. Во одреден момент тие ќе почнат да се враќаат дома – објаснува еден од водачите на платенците.
Меѓу активностите на суданските борци спаѓа и криумчарењето на бегалците, а дел од нив му помогнале на Хафтар за да стекне контрола врз нафтените полиња во Либија.
Владата признаена од Обединетите нации минатата недела побара од меѓународната заедница да заземе јасен став против нападите на Хафтар врз Триполи. Одметнатиот генерал тргна во офанзива на главниот град на 4 април, но се пробие подалеку од периферијата на Триполи. Тој најави одлучувачка битка за заземање на градот на 12 декември, а во петокот им даде на властите ултиматум од три дена да се предадат. Според податоците на ОН, околу една илјада луѓе ги загубија животите по почетокот на борбите, а најмалку 5.000 беа повредени.
По симнувањето од власт и смртта на Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две струи што се борат за власт. Турција, Катар и Италија се во сојузништво со владата во Триполи, додека Хафтар кој командува со силите во источна Либија е поддржана од Франција, Русија, како и од Египет, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, според тврдењата на светските медиуми.