Сукре – Привремената претседателка на Боливија Жанин Ањез изјави дека земјата во наредните неколку дена ќе издаде налог за апсење на поранешниот левичарски лидер Ево Моралес поради бунт. Моралес во моментов се наоѓа во Аргентина, каде што минатата недела доби статус на бегалец. Тој претходниот месец го мина во Мексико, по бурните случувања во неговата земја во октомври кога беше обвинет за организирање и учество во „наместени избори“.
Бриндизи – Италијанските власти евакуираа околу 54.000 лица од градот Бриндизи, поради деактивирање бомба од Втората светска војна, која случајно била откриена за време на реновирање театар. Станува збор за најголема евакуација во Италија во период на мир во земјата, при што повеќе од 60 проценти од жителите на Бриндизи мораа да ги напуштат домовите на растојание од 1.617 метри од локацијата каде што е пронајдена бомбата. Британската бомба, за која се верува дека е фрлена на градот во 1941 година, е долга еден метар и содржи 40 килограми динамит, соопштија градските власти.
Вашингтон – Врховниот суд на САД соопшти дека ќе ја разгледа молбата на американскиот претседател Доналд Трамп да не се објавуваат податоците за неговите даноци, банкарски и финансиски сметки. Расправата ќе почне во март, а судиите ќе мора да ја донесат и објават одлуката до јуни. Доколку пресудат против Трамп, претседателот ќе мора да ги објави податоците за личните финансии, што веќе подолго време се обидува да го избегне и спречи.
Канбера – Во текот на неделава, во Австралија би можело да биде регистриран најтоплиот ден во историјата на земјата, бидејќи топлиот бран од запад се префрла на и онака потоплиот исток на континентот. Од среда се очекуваат температури од над 40 степени Целзиусови. Моменталниот рекорд е забележен на 2 јануари 1960 година кога биле измерени 50,7 степени во градот Одандата, во јужниот дел на Австралија. Во делови од западна Австралија и Квинсленд веќе е издадено предупредување за опасност од пожари.