Вашингтон – Панелот што ја води истрагата за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека постојат голем број докази за негово несовесно извршување на функцијата. Во извештајот се наведува дека Трамп ги ставил на прво место личните политички интереси, пред националните интереси на САД. Тоа го сторил со обидот да издејствува странско мешање од Украина, што требало да му помогне во напорите за реизбор во 2020 година.
Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел утре ќе го посети поранешниот нацистички концентрационен логор „Аушвиц“. Тоа ќе биде прва, историска посета на Меркел на спомен-центарот, по 14 години, колку што е на функција, и трета официјална посета од шеф на германската влада. Посетата е поврзана со 75-годишнината од ослободувањето на тој нацистички концентрационен логор за Евреите, кој се наоѓа во Полска.
Багдад – Ирачките безбедносни служби соопштија дека го уапсиле „заменикот“ на ликвидираниот лидер на терористичката група Исламска држава. Џихадистот Абу Халдун, кој имал фалсификуван пасош на име Шалан Убејд, бил уапсен во селото Хавиџа, во провинцијата Киркук. Во соопштението на полицијата се наведува дека Халдун бил „воен емир“ во провинцијата Салах ал Дин.