Подготвил: Дејан Србиновски
Рим – Во Италија биле заразени со ковид-19 милион и половина од граѓаните, што е за шест пати повеќе од официјалната бројка на регистрирани случаи, јавува „Ројтерс“. Зголемениот број е откриен по резултатите од тестирањето на антитела, кое го спроведувале агенцијата „Истат“ и Министерството за здравство. Во него биле опфатени 64.660 лица од сите делови на земјата. Според истражувањето, речиси 30 отсто од позитивните на антитела никогаш немале ниту еден од симптомите за ковид-19, и поради тоа се смета дека вирусот пребрзо се ширел во земјата.
Вашингтон – Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека го одредил 15 септември како краен рок за американска фирма да ја купи кинеската компанија „ТикТок“, поради загриженост во врска со националната безбедност, јави Си-ен-би-си. Тој исто така рече дека не се спротивставува американскиот технолошки гигант „Мајкрософт“ да ја купи таа фирма. Претседателот минатата недела се закани дека ќе го забрани ТикТок во САД поради загриженоста дека податоците што ги собира може да ги користи кинеската разузнавачка служба.
Пјонгјанг – Северна Кореја ја унапредува својата програма за нуклеарно оружје и некои земји, според доверлив извештај на Обединетите нации, веруваат дека развила минијатурни нуклеарни уреди. Новинската агенција „Ројтерс“ и ДПА наведуваат дека извештајот е доставен до 15-члениот Совет за безбедност на ОН на 3 август. Во извештајот се оценува дека Северна Кореја продолжува да ја развива својата нуклеарна програма, вклучувајќи и производство на високозбогатен ураниум и изградба на експериментален реактор со лесна вода.
Вашингтон – Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека пандемијата на коронавирусот довела до најголемо нарушување на образованието во историјата во повеќе од 160 држави што ќе влијае врз повеќе од милијарда ученици. Покрај тоа, Гутереш рече дека најмалку 40 милиони деца низ светот ја пропуштиле „својата критична предучилишна година“. Како резултат на тоа, тој предупреди дека светот се соочува со „генерациска катастрофа“ што може да доведе до губење на незамислив човечки потенцијал.