Германска медицинска сестра е уапсена под сомнение дека се обидела да труе пет предвремено родени бебиња со морфиум, објави денеска попладне јавниот обвинител во германскиот град Улм, пренесе германската новинска агенција ДПА.
Медицинската сестра е задржана во полиција завчера, откако шприц во кој имало мешавина од морфиум и мајчино млеко било пронајдено во нејзиниот шкафче во Универзитетската болница во Улм. Таа е осомничена дека се обидела да ги труе бебињата за време на ноќната смена пред Божиќ. Сите новороденчиња одеднаш развиле проблеми со дишењето, но биле спасени, а крвните тестови подоцна покажале присуство на морфиум кај нив.
Главниот јавен обвинител, Кристоф Лер, денеска рече дека жената е обвинета по пет точки за обид за убиство и тешки телесни повреди, а медицинската сестра ги негирала обвиненијата.
Полицијата во Улм спроведе истрага за случајот, како и за мотивот на осомничената, а болницата испратила соопштение во кое наведува дека им се извинува на родителите, децата и на нивните семејства, и дека нивниот персонал прави се што е можно за да помогне во истрагата.