Девет члена на американско мормонско семејство, меѓу кои и најмалку четири деца, биле убиени во напад на наркокартел во Мексико. Вооружени напаѓачи го нападнале семејството Ле Барон, кое ѝ припаѓа на заедницата на мормоните што се населила во планините и рамнините во северно Мексико пред повеќе децении.
Роднини на семејството за Ројтерс изјавиле дека во нападот се убиени девет лица, додека, пак, мексиканската влада засега официјално потврди дека настрадале пет лица. На видеоснимките што беа објавени на социјалните мрежи може да се забележи запалено и изрешетано возило, во кое се наоѓале жртвите во моментот на нападот.
Членови на семејството Ле Барон изјавиле дека поголема група од три мајки и 14 деца тргнале во конвој со автомобили од Бавис, државата Сонора, и се упатиле кон местото Ла Мора, во соседната сојузна држава Чихуаха. Според нив, меѓу жртвите имало четири деца и нивната мајка.