Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека Германија ќе го поздрави продолжувањето на дијалогот НАТО-Русија во рамките на Советот НАТО-Русија, кој не се состанува веќе две години, но посочи дека тоа зависи од Москва.
Советот НАТО-Русија е формиран во 2002 година со цел да ги олесни консултациите меѓу Северноатлантскиот сојуз и Русија, но како што се влошуваа меѓусебните односи, Советот последен пат се состана во јули 2019 година.
– Ние веруваме дека мора да одржиме дијалог. Но топката е на теренот во Москва. Ние сме подготвени и се надеваме дека руската страна ќе биде подготвена во блиска иднина – рече Мас на самитот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
Откако Крим беше припоен кон Русија во 2014 година, НАТО ги суспендираше буквално сите форми на соработка со Москва, но дијалогот во рамките на Советот заживеа во 2016 година, за да замре повторно во 2019 година, така што денес односите меѓу Русија и Западот се на најниско ниво од студената војна.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, оцени дека обидите на Русија да ги дестабилизира Западот и Кина да ја зајакнат својата воена моќ претставуваат закани што бараат единство во рамките на НАТО.