Франција и САД имаат заедничка цел – да го спречат Иран да развива нуклеарно оружје, затоа треба да почнат нови меѓународни преговори, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, во пресрет на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, во Кан, каде се одбележа 75 годишнината од Денот Д – слетувањето на англоамериканските сили во Втората светска војна.
Иако го обвини Техеран за промовирање тероризам на Блискиот исток, Трамп рекол дека е подготвен да разговара со Иранците. Тој додал дека конечната одлука за воведување тарифи на Кина на увозот на стоки во износ од над 300 милијарди долари, ќе ја донесе по состанокот со лидерите на најголемите светски економии, Г20, кон крајот на јуни во Јапонија, кога ќе се сретне и со претседателот на Кина, Си Џинпинг.