Францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со Владимир Путин го повика рускиот претседател да го искористи своето влијание за да се стави крај на конфликтот во Сирија и да се обноват преговорите за политичка транзиција во земјата, соопшти Елисејската палата.
Макрон ја истакна потребата од ставање крај на воената ескалација од последните месеци, со цел да се заштити цивилното население, се вели во соопштението во кое се додава дека двајцата лидери разговарале и за потребата да се обезбеди дека нема да има заживување на групата Исламска држава во регионот.
Макрон изразил надеж дека ќе има редовен дијалог меѓу Франција и Русија кој ќе овозможи поконкретен напредок за изнаоѓање решение во Сирија.
Во соопштението на Кремљ за разговорот се вели дека Путин го информирал Макрон за исходот од тристраната средба за Сирија во Анкара, на која учествуваа Турција, Иран и Русија.