Белорусија нема да ги ескалира тензиите во односите со Полска за да создаде хуманитарен коридор за премин на бегалците во Германија, изјави денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко во своето обраќање пред бегалците во близина на логистичкиот центар кај преминот Брузги на белоруско-полската граница.
„ Што можеме да направиме за вас? Но, мора да разберете дека не можеме да започнеме војна за да го расчистиме коридорот низ Полска до Германија“ им рекол Лукашенко на мигрантите, а пренесува руската агенција ТАСС.
„ Погледнете како тие реагираа на вас кога им пријдовте. Истураа отровни хемикалии на вас, фрлаа шок бомби, употребија солзавец. Да одевте подалеку до границата, ќе отвореа оган“ рече Лукашенко.
Тој им вети на бегалците дека белоруските власти нема да ги политизираат бегалските проблеми.
„ Нема да си играме со вашите животи, ниту да правиме политика од тоа“, рече Лукашенко во обраќањето пред толпата мигранти.
Тој изјави и дека белоруските власти нема насилно да ги депортираат бегалците и дека досега околу илјада мигранти веќе ја напуштиле Белорусија.