По петдневни преговори, лидерите на земјите членки на ЕУ постигнаа договор околу пакетот помош и буџетот на Унијата за следните седум години. Договорениот пакет е во вредност од 1.830 милијарди евра, од кои 750 милијарди евра се наменети за пакет помош за земјите членки погодени од коронавирусот.
Пакетот е усвоен во Европскиот совет, така што 390 милијарди евра ќе бидат во облик на неповратна помош, а 360 милијарди како поволни кредити.
Првичниот однос, според предлогот на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, беше 500 милијарди евра неповратна помош и 250 милијарди кредити.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека тешките преговори во тешки времиња завршиле добро за сите членки на ЕУ и народот на Европа.
– Ова е добар и силен договор. Покажавме колективна одговорност, солидарност, како и верба во заедничка иднина. Верувам дека на овој договор ќе се гледа како на одлучувачки момент на европскиот пат, кој ќе не лансира во иднината – порача Мишел.
Според него, со новиот договор, првпат во историјата на ЕУ, буџетот е силно поврзан со климатските цели, а владеењето на правото претставува одлучувачки критериум за потрошувачката од буџетот.
Изминативе денови во два наврати лидерите на Франција и Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, многу незадоволни, нагло ја напуштија средбата на лидерите на ЕУ во Брисел. Тие го напуштија самитот затоа што оценија дека не постои реална волја меѓу партнерите во ЕУ за солидарност и помош на оние што се најтешко погодени од коронавирусот, како и свесност дека без тоа целата Унија ќе отиде во пропаст.