Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан денеска изјави дека Европа ќе се бори против напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја „дестабилизира“ ЕУ и да ја поткопа меѓународната соработка.
Ле Дријан рече дека Трамп „не може да го толерира фактот дека постои група како што е Европската унија“, но „Европа нема да дозволи да биде дестабилизирана“.
Шефот на француската дипломатија рече дека Трамп верува само во конфликтни односи и го обвини дека се обидува да ги уништи мултилатералните напори за поттикнување на трговијата, борбата против климатските промени и активностите во врска со нуклеарната програма на Иран.
Трамп на дводневниот самит на НАТО во Брисел ги налути сојузниците со неколку негови изјави, а меѓу другото рече и дека германската Влада е под „целосна контрола“ на Русија поради гасот, а после тоа во интервју за британскиот весник „Сан“ изјави дека британската премиерка Тереза Меј е премногу мека кон ЕУ во преговорите за Брегзит.