Вол стрит џурнал

Убиство во Сиетл во зоната без полиција

Анархијата делува како безопасна забава сè додека некој не биде застрелан. На 11 јуни, градоначалничката на Сиетл, Џени Дуркан, се обрати во „автономната зона“ без полиција, која беше прогласена во неколку градски блокови од страна на демонстрантите. Таа ги оцени сликите од населбите како полни со „штандови за улична
храна и тестенини, локации за неформални едукативни предавања, простор за филмови и бесплатни здрави крекери“.

На прашањето од „Си-ен-ен“ колку долго може да трае ваквата состојба, Дуркан одговори дека „не знае и дека можеби ќе успеат да имаат лето на љубовта“. Но по две недели се случија немили настани во и околу областа која демонстрантите ја нарекуваат
„Организиран протест во Капитол Хил“ (ЧОП).

На 12 јуни, еден маж кој носеше факел го запали ѕидот и тротоарот пред напуштената источна полициска станица.

На 15 јуни, наводно, еден авто-салон бил демолиран и бил подметнат пожар. Напаѓачот му се заканувал со скалпел, како што изјавил сопственикот за „КИРО“. Тој додаде дека
успеал да го собори престапникот и неговиот татко се јавил во полиција, но никој не
дошол на помош. Набљудувачите побараа негово ослободување, а на крајот сопственикот мораше да попушти.

– Морав така да постапам или ќе настанеше неконтролирано безредие – посочува
сопственикот.

Истиот ден подоцна, полициската началничка Кармен Бест порача дека полицајците „ќе одговорат“ на инцидентите во ЧОП, кои се закана по животот и безбедноста. Инаку, „полицајците и одржувачите на редот ќе го координираат контактот со жртвата или оној што ќе пријави прекршок надвор од границите на ЧОП. Во однос на авто-салонот, началничката порача дека полицијата „оддалеку ја набљудувала локацијата“, но „не забележала некакви проблеми“. Во подрачјето под ингеренции на источната станица, тројно се зголеми времето потребно за одговор.

На 20 јуни околу два и пол часот по полноќ, се слушнаа истрели од огнено оружје. Од
градот изјавија дека кога полицијата пристигнала на местото „била пресретната од
насилна толпа која го спречила безбедниот пристап на полицајците“. Видео-снимките од местото на настанот се многу интересни за гледање. Од градот соопштија дека две повредени лица биле однесени во болница „од страна на итната помош од ЧОП“. Почина
едно од лицата, односно деветнаесетгодишен Афроамериканец кој еден ден претходно
завршил средно училиште.

На 21 јуни околу 10 часот вечерта биле пријавени истрели. Тогаш седумнаесетгодишник бил ранет во раката и бил однесен во болница со приватно возило. Од градот изјавија дека „одбил да разговара со детективите“.

На 22 јуни на прес-конференцијата, началничката Бест изјави дека добила полициски извештај за силување во ЧОП.

– Време е луѓето да си одат дома – порача градоначалничката Дуркан.

Градот бараше од демонстрантите ноќе да ја напуштат областа. Полицијата ќе се врати во источната станица „мирно и во блиска иднина“, иако не беше прецизиран точен датум.

– Во Сиетл мора секаде да им биде достапен влезот на пожарникарската служба и на полицијата – додаде градоначалничката.

На 23 јуни околу пет часот наутро, во пределот на потколеницата беше застрелан еден маж во триесеттите години. Полицијата и брзата помош го пречека надвор од ЧОП и го однесе в болница. Но жртвата, како што изјавија од градот, „одбила да даде информации за околностите на пукањето или да го опише сторителот“.

Овој експеримент во хаосот покажува дека без полиција, нема правда и сигурно нема мир.

Превод: Билјана Здравковска