Опасноста од лавини во Австрија и Германија и натаму е исклучително голема, јавуваат медиумите во овие две земји, потсетувајќи дека досега загинале 26 луѓе.
Синоќа околу 21:30 часот по локално време лавина затрупала куќа што се наоѓала покрај шумски пат на подрачјето на австриското место Ворарлберг. Шумскиот пат бил затрупан, а се чини дека куќата не е оштетена. За среќа, никој не бил повреден.
Како што пишува ОРФ, станарите на куќата забележале дека им се приближува лавина и побегнале од неа.
Ноќеска лавина се урнала и врз хотел во германското место Балдершванг, за среќа и таму нема повредени. На едно лице му се слошило, најверојатно од шок.
Како што јавуваат германските медиуми, во хотелот, кој сега е затрупан од едната страна со купишта снег, биле подготвени за можна лавина и уште вчера сите надворешни содржини на хотелот биле затворени, меѓу кои сауната и велнес центарот.
Околу илјада жители и туристи во ова германско место се заробени со денови, откако лавина го затрупа патот кој води кон овој популарен скијачки центар.
Лавина висока околу осум метри и широка 20 метри го затвори локалниот пат во Инзел. Марктшеленберг е исто така погоден, лавиа ја оштети локалната гостилница, но и во овој случај за среќа нема човечки жртви.
Како што вчера објави агенцијата Асошиетед прес, екстремните зимски услови, големото количество снег и ниските температури, изминатата недела ширум Европа однесоа вкупно 26 животи.
Седумгодишно дете загина откако врз него падна стебло во Германија, 16-годишник почина во лавина во Австрија, а 27 годишен маж загина во лавина во Словачка.
Лавините убија и млада Швеѓанка, како и тројца скијачи од Финска во норвешкиот град Тромсе.
Во Австрија изминатата недела падна рекордно количество снег, а нови количини, дури и до два метра нов снег, се најавуваат во следните три дена.