Австриската Влада соопшти дека Турција треба да даде детали за апсењето на австрискиот новинар Макс Цирнгаст или да го ослободи.
– Очекуваме Турција веднаш да објасни за што е обвинет новинарот, и ако е можно, тој веднаш да биде ослободен, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Припадници на турските антитерористички служби вчера го уапсија австрискиот новинар Макс Цирнгаст, кој повеќе години живее и работи во Турција.
Според организацијата Репортери без граници, Цирнгаст бил уапсен поради неговите левичарски политички ставови кои ги изнесувал во Турција.
Австриското Министерство за надворешни работи потврди дека еден државјанин на Австрија вчера бил уапсен во Турција, но засега не изнесе повеќе детали.
Порталот „Ре:волт“ и списанието „Јакобин“, за кои работел Цирнгаст, тврдат дека тој бил „посветен левичарски активист“, а учествувал и во кампањата на курдската Демократска партија на народите (ХДП), чиј лидер Селахатин Демирташ неодамна беше осуден на затворска казна под обвинение за тероризам.
„Ре:волт“ наведе дека иако Цирнгаст бил уапсен под обвинение за тероризам, сепак најверојатна причина за неговото лишување од слобода се „политичките публикации“.
– Различните политички мислења не можат да бидат оправдување за апсења и заплашувања, какви што се повеќе и повеќе се случуваат во Турција – соопшти австриската подружница на „Репотери без граници“.
Од обидот за преврат во јули 2016 година, во Турција беа уапсени десетици новинари. Поголемиот број од нив, како што наведува „Дојче Веле“, беа упасени под обвинение за терористичка пропаганда.