Хенри Олсен
Европските лидери се во право кога се прашуваат што значи застрашувачката неспособност прикажана во Авганистан за НАТО. Но тие исто така треба да бидат загрижени што јавното мислење во нивните земји го прави сојузот неодржлив.
Нашите сојузници во НАТО се демократии и затоа нивните лидери мора секогаш да го имаат предвид јавното мислење. Тие не можат долго да ги игнорираат или да се спротивставуваат на длабоко вкоренетите ставови на нивните гласачи.
Затоа анкетите од 2020 година и од почетокот на оваа година за европското јавно мислење треба да ги загрижат американските и европските лидери. Анкетите покажуваат дека јавното мислење во Европа е мешано во однос на суштинските интереси на САД и, во најдобар случај, покажува двоумење за вклучување на војската на сопствените нации во оружени конфликти.
Добрата вест е дека европското мислење за НАТО и за САД останува главно позитивно. Анкетата на истражувачкиот центар „Пју“ во јуни 2021 година покажа дека 61 отсто од Европејците имале поволно мислење за НАТО, вклучувајќи гп и мнозинствата во секоја земја, освен Грција. Европејците, исто така, имаа позитивни мислења за САД, при што повеќе од 55 отсто од населението на секоја земја изразило поволен став.
Проблемот настанува кога анкетарите навлегуваат малку подлабоко. Главната карактеристика на секој воен сојуз е дека сите членови доаѓаат на помош едни на други во случај на напад. Тој унифициран став, поточно колективната одбрана во стратегиски јазик, е она што го прави сојузот веродостоен. Ако една или повеќе страни не ги бранат другите членови, целиот сојуз се распаѓа. Всушност, тоа е она од што се плашат многу европски лидери, бидејќи повлекувањето на САД од Авганистан отвора прашања дали сојузот има капацитет да ги исполни своите обврски.
Без разлика дали тој страв е оправдан или не, факт е дека мнозинствата во повеќето европски нации веќе се противат на употребата на нивните војници за помош на некоја сојузничка од НАТО. Ова зачудувачко откритие доаѓа од анкетата на „Пју“ од февруари 2020 година. Во анкетата беа испрашани испитаници од 16 членки на НАТО во однос на тоа дали една нација треба да користи воена сила за да го одбрани сојузникот на НАТО во сериозен воен конфликт со Русија. Мнозинството во само пет нации, САД, Велика Британија, Канада, Холандија и Литванија, одговорило позитивно. Мнозинството во секоја друга анкетирана нација беше против доаѓањето на помош на сојузникот, при што противењето се зголеми на 60 отсто кај Германците.
Ова предизвикува чудење зошто на НАТО се гледа позитивно со овој одговор, но друго прашање од анкетата во 2020 година дава појасна слика. Истите луѓе беа прашани и дали мислат дека САД ќе користат воена сила за да му помогнат на сојузник од НАТО под напад на Русија. Мнозинствата во секоја анкетирана европска нација рече дека тоа ќе се случи, со тоа што процентуалниот удел се зголемува над 70 отсто во Италија, Шпанија и Британија. Многу Европејци јасно веруваат дека НАТО е инструмент за да им се обезбеди американска заштита, а не колективен сојуз во кој сите ги поддржуваат сите. Ова основно верување може да биде причина што само десет од 30-те членки на НАТО во моментов ја исполнуваат целта на Алијансата да трошат два отсто од БДП за одбраната секоја година.
Ова откритие само по себе е вознемирувачко, но друга анкета укажува на други загрижувачки знаци. САД сè повеќе ја гледаат Кина како егзистенцијална закана. Ова е причината зошто тие ги префрлаат воените ресурси во пацифичкиот театар за да се борат против подемот на Кина и работат на тоа да ги убедат американските сојузници да се спротивстават на кинеските напори да ги направат економиите на тие држави зависни од кинеските потрошувачи и компании. Ова значи дека од сојузниците на НАТО сè повеќе ќе се бара да преземат дел од товарот во де факто сојузот против Кина, додека истовремено НАТО врши распоредувања против Русија.
Но Европејците не сакаат да го сторат тоа. Анкетата на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) во јануари 2021 година покажа дека 60 отсто од Европејците сакаат нивната нација да остане неутрална во секој конфликт меѓу Кина и САД. Анкетата исто така покажа дека 59 отсто од анкетираните веруваат дека Кина ќе биде помоќна од САД за една деценија, а само 19 отсто се изјаснија дека ќе продолжи американската надмоќ. На крајот, 67 отсто рекле дека Европа не може секогаш да се потпира на САД и дека мора да се грижи за сопствената одбрана. Секој од овие трендови укажува на електорати што нема да ги поддржат САД во конфликтот што американските лидери од двете политички страни го сметаат за најважен.
Ништо од ова не е непроменливо. Европските лидери би можеле да се обидат да ги убедат своите гласачи за трајната вредност на силната, глобална, западна алијанса. Меѓутоа, со исклучок на тоа, европските лидери најверојатно ќе продолжат да ги следат своите гласачи, недоволно инвестирајќи во одбраната и избегнувајќи ги силните антикинески ставови што ги сакаат американските лидери. Ако се случи тоа, претседателите од двете политички страни, најверојатно, со жалење ќе заклучат дека значителната европска воена вклученост повеќе не им служи на американските интереси. Најлошиот кошмар во Европа ќе стане реалност повеќе поради сопствените склоности отколку поради американската слабост.
Авторот е колумнист во „Вашингтон пост“ и постар соработник во Центарот за етика и јавни политики во САД
ИЗВОР: „Вашингтон пост“