Истражување
Во Европската Унија, нејзините 513 милиони жители во 2017 година вкупно поседувале 79,8 милиони парчиња оружје. Кога ќе се пресметаат и европските земји што не се членки на ЕУ, оваа бројка достигнува 93,2 милиони
Најновите истражувања покажуваат дека Американците поседуваат најмногу оружје во своите домови, додека, пак, неславниот рекорд во Европа го држат Србија и Црна Гора. Па, така, бројот на оружје по жител во САД е трипати поголем од оние европски земји што се во врвот на оваа ранг-листа. Од вкупно 817 милиони парчиња огнено оружје, колку што според некои процени се наоѓало во сопственост на цивили во 2017 година, дури 46 отсто биле во сопственост на граѓаните на САД.
Во САД, според истражувањето на организацијата „Смол армс сурвеј“, на секои сто жители има 120 парчиња огнено оружје. Американците секоја година купуваат 14 милиони парчиња ново и увезено оружје, за што најмногу придонесува либералниот пазар на оружје. Истовремено, САД се една од ретките земји во светот во кои правото на поседување оружје е загарантирано со домашниот устав.
Интересни се податоците за причините поради кои американските жители поседуваат оружје. Па, така, дури за 67 отсто од Американците, личната заштита е водечка причина за поседување оружје. На второто место е ловот (38 отсто), по што следуваат стрелаштвото (30 отсто) и колекционерството на оружје (13 отсто). Дури 44 отсто од испитаниците во САД изјавиле дека лично познаваат некого што е ранет од огнено оружје, без разлика на тоа дали било случајно, или намерно, а мнозинството (57 проценти) се залагаат за заострување на законите за поседување оружје.
Во САД секојдневно 310 лица се погодени од огнено оружје, а од оваа бројка, сто лица умираат затоа што некој ги застрелал, а 61 лице се жртви на самоубиства. Исто така, во оваа земја многу честа појава се и масовните убиства, па, така, во 2018 година во САД се регистрирани дури 340 вакви инциденти, со голем број жртви. Сепак, некои од испитаниците што учествувале во истражувањето на „Пју рисрч сентер“ се поделени за тоа дали построгите правила за купување и поседување оружје ќе придонесат за намалување на бројот на масовни убиства, па, така, 47 отсто оцениле дека тоа ќе придонесе за намалување, додека, пак, 46 проценти сметаат дека нема да има разлика.
Кога станува за Европа, црниот рекорд го држат Србите и Црногорците. Па, така, во овие две земји се регистрирани 39,1 парчиња огнено оружје на сто жители, а по нив следуваат Кипар (34), Финска, Исланд и Босна. Во Европската Унија, нејзините 513 милиони жители во 2017 година поседувале вкупно 79,8 милиони парчиња оружје. Кога ќе се пресметаат и европските земји што не се членки на ЕУ, оваа бројка достигнува 93,2 милиони. Според вкупниот број, најголема концентрација на огнено оружје има во Русија (17,6 милиони), Германија (15,8 милиони) и Франција (12,7 милиони). Европската комисија уште во 2013 година утврди дека дури 90 отсто од жителите на ЕУ никогаш не поседувале огнено оружје.
Од жителите на ЕУ што во периодот на истражувањето поседувале огнено оружје, дури 35 отсто како причина за поседување го навеле ловот, 29 проценти навеле професионални причини, како што е службата во полиција или војска, а 23 отсто навеле спортски причини. За разлика од Американците, само 14 отсто од европските испитаници изјавиле дека поседуваат огнено оружје поради лична заштита.
По смртоносните терористички напади во Париз и Брисел во 2015 и 2016 година, ЕУ драстично ги заостри законите што се однесуваат на огненото оружје, забранувајќи го полуавтоматското оружје и магацините што собираат повеќе од 21 куршум за пиштоли, односно 11 куршуми за пушките.