Побогатите луѓе и нации се многу повиновни за светските климатски кризи од посиромашните, покажува едно истражување во кое се опфатени 86 земји

Истражување

Најбогатите десет отсто од луѓето трошат околу 20 пати повеќе енергија во однос на најсиромашните десет отсто, каде и да живеат во светот. Разликата е најголема во транспортот, при што најбогатите десет отсто трошат 187 пати повеќе гориво од најсиромашните десет отсто, главно зашто луѓето со најниски приходи не можат да си дозволат да возат, покажува меѓународно истражување.
Истражувачите откриле дека колку стануваат луѓето побогати, толку повеќе енергија трошат, и тоа важи за сите земји. Тие предупредуваат дека ако нема промени во политиките, потрошувачката на енергија во домаќинствата двојно ќе се зголеми во периодот од 2011 до 2050 година, дури и ако се подобри енергетската ефикасност, пренесува Би-би-си.
Истражувачите користеле податоци од ЕУ и од Светската банка за да пресметаат како различни приходни групи ги трошат своите пари. Тие откриле дека богатите трошат над половина од вкупната енергија, што е конзистентно со претходните истражувања. Студијата покажува дека енергијата за готвење и за загревање еднакво се троши, но и тука најбогатите десет отсто трошат една третина од вкупната енергија, веројатно поради големината на нивните домови.

Професорката Џулија Стајнбергер, водач на проектот на Универзитетот во Лидс, вели дека прашањето е како може да се промени огромната нееднаквост во дистрибуцијата на енергија, а притоа да се обезбеди пристоен живот за сите, додека истовремено ги штитиме климата и екосистемите. Авторите велат оти владите би можеле да ја намалат побарувачката за превоз преку подобар јавен превоз, повисоки даноци за поголеми возила и повисоки такси за луѓе што најчесто летаат. Тие велат дека друга алтернатива е што побрзо да се електрифицираат возилата, иако претходни студии сугерираат дека дури и тогаш треба да се намали побарувачката за возење за да се намалат ресурсите потребни за производство и дистрибуција на струја.

Студијата веројатно уште повеќе ќе ги засили дебатите за климатските промени, во кои правичноста е секогаш спорно прашање, бидејќи открива и огромни разлики меѓу побогатите и посиромашните нации. Професорот Кевин Андерсон од Манчестер вели оти истражувањето им го кажува на релативно богатите луѓе и нации тоа што не сакаат да го слушнат.

– Најголемата вина за климатските кризи е кај најголемите емитери, како политичарите, бизнисмените, новинарите и професорите (од побогатите земји). Кога велиме дека нема апетит за повисоки даноци за летањето, всушност велиме оти не сакаме да летаме помалку. Тоа важи и за нашите возила и домови. Убедени сме дека живееме нормално, но бројките раскажуваат друга приказна. Ако транспортот продолжи да се потпира на фосилни горива, зголемувањето од над 30 отсто до 2050 година ќе биде погубно за климата – предупредува тој.