Речиси половина век, откако почна да работи во Белата куќа како соработничка на претседателот Линдон Џонсон, Дорис Кернс Гудвин е исклучително барана од претседателите на САД, за дискретни совети произлезени од минатите искуства. Со помош на живи биографски студии, Дорис Гудвин обезбедува внатрешен увид за тоа како растеле и учеле претседателите и како се формирал нивниот пристап кон лидерството. Секој од нив покажувал рани знаци на голем водач, но ниту еден не ја добил славата на лесен начин. Тие доживувале јавни понижувања, им биле уништувани соништата од младоста и преживувале длабоки лични кризи. Сите воделе сериозна борба со недостиг од самодоверба и парализирачка депресија. И сите размислувале да се откажат од јавниот живот
Минатиот јули во Брисел, на маргините на најбурниот НАТО-самит во историјата, седнувајќи со германската канцеларка Ангела Меркел, Доналд Трамп го започна разговорот со една обична баналност. „Помеѓу републиканците“, се пофали Трамп, „јас сум попопуларен лидер од Абрахам Линколн“. Според службеник што бил присутен на средбата, реакцијата на Меркел на ова чудно и „сомнително“ тврдење била (со безизразен изглед на лицето) дека не знаела оти постоеле анкети за јавно мислење во 1860-тите години. Опседнатоста на Трамп со Линколн можеби изгледа комично, но не е оригинална. Секој претседател има желба да биде „измерен“ според критериумот на историјата. Но повеќето од нив се обидуваат да учат од неа.
Тие ги проучуваат своите претходници од Белата куќа, барајќи урнек за смиреност во миговите на стресни ситуации или, пак, насоки за тоа како да постапат во одреден момент. Остануваат во контакт со живите претходници, читаат книги за оние мртвите и се обраќаат кон научниците за да слушаат приказни и да учат лекции од минатото.
Речиси половина век, откако почна да работи во Белата куќа како соработничка на претседателот Линдон Џонсон, Дорис Кернс Гудвин е една од писателите на биографии барани од претседателите за дискретни совети произлезени од минатите искуства. Сепак, некако се сомневаме дека ќе биде побарана од страна на Трамп.
Како и секој „пишувач на историја“, Дорис Гудвин го обликува начинот на кој го гледаме поимот „претседател“ и како судиме за степенот на успешноста на Овалната соба. Со живописно раскажување и добра процена на карактерни особини, таа секогаш успева да го оживее минатото и да ја истакне неговата важност за сегашноста.
Нејзината последна книга „Лидерство: во турбулентни времиња“ повторно е на иста линија и се навраќа на темите од нејзините наградувани книги за Абрахам Линколн, Теодор Рузвелт, Франклин Рузвелт и Линдон Џонсон. Како и секоја збирка на големи хитови, оваа книга им овозможува на читателите да се навратат на своите омилени ликови, како и да го согледаат поширокото значење на делото. Но уште поважно, таа им дава можност на луѓето одново да размислат за овие лидери и нивната посебност.
Книгата е и отрезнувачки потсетник за она што ни недостига во денешно време.
Гудвин не претендира да каже нешто ново за овие претседатели, така што читателите на нејзините поранешни дела ќе пронајдат многу веќе познати приказни и опсервации. На овој начин, книгата не се однесува толку на историјата на претседателите колку на поимот „лидерство“, а лекциите, тврди таа, се применливи не само за Белата куќа туку и за голем број други ситуации.
Со зборовите на Шекспир – некои се раѓаат како големи лидери, некои достигнуваат големина, а некои едноставно се „втурнати“ во виорот на големината. Ова се однесува на претседателите што се во фокусот на Гудвин. Таа се занимава со прашањето што е тоа што ги направило овие претседатели онакви какви што биле, следејќи ги нивните зачетоци до нивното вивнување до моќта, опишувајќи ги искушенијата што го „исковале“ нивниот лидерски пристап. Притоа таа покажува како тие биле тестирани во моментите на критични пресвртници – какви што биле граѓанските војни, финансиските кризи или фундаменталните социјални промени. Ова се приказни за единството на големите луѓе и клучните моменти – како и за историјата што ја испишале.
И покрај тоа што четворицата претседатели потекнуваат од различни средини – Рузвелтови се потомци на богато њујоршко семејство, додека Линколн и Џонсон имале сиромашно детство и младост на американските маргини – сите тие оставиле слични, поучни лекции за тоа како да се справиме со неповолните околности.
Со помош на живи биографски студии, Гудвин обезбедува внатрешен увид за тоа како растеле и учеле овие лидери и како се формирал нивниот пристап кон лидерството. Секој од нив покажувал рани знаци на голем водач, но ниту еден не ја добил славата на лесен начин. Тие доживувале јавни понижувања, им биле уништувани соништата од младоста и преживувале длабоки лични кризи. Сите воделе сериозна борба со недостиг од самодоверба и парализирачка депресија. И сите размислувале да се откажат од јавниот живот.
Линколн пораснал со строго воспитување и имал бурен однос со својот татко, а неговите рани политички битки го фрлиле во толку жестока меланхолија, што неговите пријатели ги криеле ножевите и ножиците од него, плашејќи се дека би можел да се повреди себеси. Теодор Рузвелт бил болежливо дете, приковано за кревет поради тешка астма, а во 1884-та, како млад човек, тој бил скршен поради смртта на неговите жена и мајка во ист ден. Франклин Рузвелт уживал во најубавото и најбезгрижно детство, но доживеал стравотен здравствен удар пред неговиот четириесетти роденден, кога полиомиелитисот го оставил трајно парализиран. Линдон Џонсон имал тешко и напнато детство, рани политички порази и сериозен срцев удар во 1955-та, само шест месеци откако станал водач на мнозинството во Сенатот. Тоа го принудило да го преиспита значењето на моќта, по која толку долго копнеел.
Ова биле решавачки битки – моменти, го цитира Гудвин филозофот Вилијам Џејмс, кои го откриле „вистинското претседателско јас“. Таа истражува како личните битки ги туркале напред овие лидери и влијаеле врз начинот на кој ги менаџирале предизвиците во Белата куќа. Навистина се фасцинантни решителноста и смелоста на секој од нив: интензивното самоедуцирање на Линколн, во текот на кое пешачел милји и милји за да дојде до книги; бестрашната енергија на Теодор Рузвелт; посветената одлучност на Франклин Рузвелт да ги надмине својата физичка попреченост и френетичниот; исцрпувачкиот талент на Линдон Џонсон за „народна политика“.
Наместо да ги натераат да се откажат (или да направат нешто уште полошо), ваквите падови ги принудиле лидерите на однесување што довело до нивен успех во Овалната соба.
Како што забележал Теодор Рузвелт, „ако нема војна, нема да добиете ни голем генерал“. Оттука, поентата на книгата на Гудвин е да покаже како овие вештини биле користени во практиката за време на клучни историски моменти, нудејќи притоа живописни анализи на четири различни типови реално лидерство, како и поуки во врска со причините за нивниот успех.
Преку случајот на Линколн, Гудвин го опишува „трансформираното лидерство“, кое доведе до прокламацијата за еманципација во 1863-та, тврдејќи дека „ниеден настан не ја открива појасно хемијата помеѓу конкретната лидерска структура во рамките на нејзиниот конкретен историски контекст“. Во случајот на Теодор Рузвелт, ние добиваме поука од неговото „менаџирање со кризи“, кое помогна да се најде решение за големиот рударски штрајк од 1902 година, една фасцинантна студија на епизода од историјата што ќе беше неоправдано заборавена од повеќето читатели.
Френклин Рузвелт ни нуди пример за „лидерство со пресврт“, покажувајќи ни го начинот на кој тој се справил со првите 100 дена од неговиот мандат во 1933 и раѓањето на Новиот договор (серија стопански и социјални реформи). И конечно, смелиот пристап на Линдон Џонсон во однос на даночната политика и граѓанските права веднаш по атентатот на Џон Кенеди нуди една сеопфатна анализа на она што Гудвин го опишува како „визионерско лидерство“.
Ваквата типологија на претседателско лидерство не е сосема уникатна – пред неколку години, научникот Џозеф Нај понуди слична процена, фокусирана малку повеќе на надворешната политика, но таа е корисна рамка за согледување на начинот на кој овие концепти функционираат во реалниот свет. Од секој поединечен претседателски случај, Гудвин успева да искристализира специфични совети за лидерство што може да најдат поширока примена. Комбинирани заедно на листата од седумдесет лекции, какви што се „направи драматичен почеток“, „давај свој личен пример“, „постави временски рок и држи се до него“, „штити ги колегите од неправди“, „знај кога да подзапреш, а кога да одиш напред“ или „биди достапен“, овие совети звучат како да се дел од книгата „Уметноста на јавниот говор“ од Дејл Карнеги. И освен неколкуте страници за Виетнам, кои се „борат“ со прашањето како е можно Џонсон да бил толку успешен на полето на граѓанските права, а толку катастрофален во надворешната политика, Гудвин не се занимава со лидерските неуспеси. Навистина штета, зашто успешноста на лидерите зависи од разбирањето и на нивните погрешни одлуки, а не само на оние правилните.
С.Н.М.
(Утре: Кои се основните четири компоненти на успехот и лидерството низ примерот на претседателите на САД?)