Граѓаните на САД полека ја губат довербата во претседателот на Америка, Доналд Трамп, особено по неговите изјави во кои тој објаснува како да се справуваат Американците со пандемијата на коронавирусот, покажуваат резултатите од анкетата што неодамна ја спроведоа Ројтерс и Ипсос. Во испитувањето на јавното мислење речиси ниеден од анкетираните граѓани не го прифаќа предлогот на Трамп дека коронавирусот може да се лекува со вшприцување избелувач или други дезинфекциски средства.
Анкетата спроведена на 27 и 28 април вели дека помалку од половина од возрасните Американци (47 отсто) во целост или главно ги поддржуваат советите на Трамп што ги дава за борбата против вирусот. Тоа се 15 процентни поени помалку од оние што изразиле прифаќање на советите на Трамп во анкетата спроведена на крајот на март. Од друга страна, дури 80 отсто од Американците велат дека нема да си вшприцуваат избелувач или некакво друго средство за дезинфекција ако заболат од ковид-19, вклучувајќи 98 отсто демократи и 98 отсто републиканци.
Тоа е речиси едногласно отфрлање на идејата на Трамп за борба против коронавирусот, која ја изнесе пред неколку дена. Инаку, анкетата на Ројтерс била спроведена онлајн, на англиски јазик, низ САД.
Во неа учествувале 1.001 возрасно лице, вклучувајќи 416 демократи и 419 републиканци. Повеќето Американци се загрижени поради начинот на кој вирусот се шири низ општеството, покажуваат анкетите, откако бројот на заразени во САД надмина милион луѓе минатата недела, а уби речиси 60.000.