Русија ќе најде решение за ситуацијата што се појави околу гасоводот „Северен тек 2“ по најавените санкции од Вашингтон преку тесна соработка со Европа, изјави рускиот вицепремиер Дмитриј Козак во интервју за „Русија-24“.
– Сигурни сме дека ќе го решиме овој проблем и ќе постигнеме компромис во соработка со европските земји, со Европската Унија – рече тој на прашањето за иднината на гасоводот за транспорт на руски гас во Европа.
– Притисокот веројатно ќе расте, но капацитетите на овој притисок не се неограничени имајќи ја предвид позицијата на клучните земји членки на ЕУ кои се заинтересирани да го имаат потребното ниво на енергетска безбедност – додаде Козак на прашањето дали притисокот врз „Северен тек 2“ ќе продолжи да расте.
По повикот на Вашингтон до сите ангажирани компании да ги прекинат активностите поврзани со изградбата, швајцарската компанија „Олсиз“ веќе ја прекина работата за поставување на гасоводот. Москва вети дека ќе ја заврши изградбата на гасоводот, додавајќи дека потезите на САД нема да останат без одговор.
Изјавата следува откако САД воведоа санкции против гасоводот, тврдејќи дека проектот претставува опасност за европската безбедност. Сепак, Берлин ја критикуваше оваа одлука како мешање во германските домашни работи.
Американските власти во неколку наврати ги критикуваа Германија и другите европски земји за набавката на руски гас, исто така, повикувајќи ги да купуваат природен течен гас (ЛНГ) од САД и покрај тоа што тој е значително поскап.