Гардијан
Додека Пекинг се подготвува да го одбележи денот на основањето на кинеската држава со голема воена парада, кинеското лидерство се соочува со најтешките предизвици по 1989 година
Змејови, балони, гулаби, дронови, алкохол се само дел од нештата кои се на црната листа за прославата на одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Кина. Додека Пекинг сака да се погрижи посебниот ден на 1 октомври да помине без никакви проблеми, возачите беа известени дека не смеат сами да полнат гориво во нивните автомобили и мотоцикли. Не смеат да се користат воки-токи и други уреди што емитуваат радио-бранови. За време на подготовките за воената парада што ќе го одбележи денот, сите што живеат во близина на плоштадот „ Тјенанмен “ „не треба да излегуваат на прозорците“ и да ги спуштат ролетните. Во провинцијата Шанси, полицијата и другите припадници на безбедносните сили имаат забрана за консумирање на алкохолни пијалаци уште од 15 септември.
Строгите мерки се најжестоки за оние кои ја критикуваат владата. На познатите активисти и критичари им беше забрането да контактираат со странските медиуми. Оние кои ги поддржуваа протестите во Хонгконг мораа да ветат дека нема да патуваат во градот додека не заврши прославата на 1 октомври.
Познатиот портал „Веибо“ исто така спроведе „специјална операција за чистење“ на „штетни политички информации“ и сите профили и објави што „ја извртуваат историјата на партијата и на државата“.
Засилувањето на контролата пред прославата се должи на тоа што Пекинг се соочува со веројатно најтешките предизвици по 1989 година, кога војската уби илјадници продемократски демонстранти и ја втурна земјата во меѓународна изолација.
Екстремните мерки кои владата ги презема за да се погрижи сè да биде во најдобар ред на настанот сепак ги покажува несигурностите на Пекинг, затоа што одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на државата не е само обичен ден. Тој го симболизира опстанокот, затоа што државата постои подолго од Советскиот Сојуз и ја зацврстува нејзината улога на светска сила.
Државниот празник подеднакво треба да ги импресионира кинеските граѓани и да ја прикаже силата на Кина надвор. Денот ќе биде одбележан со голема воена парада, огномет и со говор на претседателот Си Џинпинг. Државните медиуми пренесуваат дека на настанот ќе присуствуваат околу 100.000 луѓе од „сите сфери на животот“. Властите поделија 620.000 телевизори за дури и непоканетите да можат да го следат настанот во живо. Црвени знамиња се редат на станбените блокови и во населбите. Се средува зеленилото по улиците во Пекинг во чест на празникот. На плакати по целиот град пишува: „денес Кина е резултат на напорната работа на кинескиот народ“.
Но настаните од немирите во Хонгконг, кои се резултат на владеењето на Пекинг со автономната територија, фрлаат сенка врз прославата. Демонстрантите повикуваат на протести пред денот на прославата, но и за време на неа. Хонгконг веќе го откажа огнометот и планира „свечена, но скромна“ прослава за да не дојде до некакви немири.
Додека партијата цврсто ја држи државата под контрола, сепак има појава на дисидентство од поддршка за протестите во Хонгконг, па сè до прикриени критики од интелектуалците дури и оние во рамки на партијата.
Во изминатите неколку недели, силно беа заострени строгите мерки на виртуелните приватни мрежи кои се користат за да се заобиколи „големиот огнен ѕид“ на Кина, како и пристапот до забранетите странски портали до таа мера што цензурата ја критикуваше и уредникот на државниот таблоид познат по своите националистички ставови.
Ху Сиџин напиша на „Веибо“ дека „како што се приближува денот на државноста, така се отежнува пристапот до Интернет“ и ваквите мерки ги опиша како „претерани“ со оглед на тоа што „мнозинството од граѓаните се патриоти и ја сакаат партијата“. Во објавата што потоа беше избришана, Ху додаде дека „државата е силна и предложи општеството да добие поголем пристап до надворешниот Интернет што ќе биде од корист во јакнењето и зрелоста на кинеското јавно мислење, научното истражување, надворешните комуникации и кинеските национални интереси“.
Автор: Лили Куо
Превод: Билјана Здравковска