Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун одлучи дополнително да ги заостри мерките за спречување на ширење на коронавирус во оваа земја, прекинувајќи ја речиси целата трговија со Кина.
Претходно, медиумите објавија дека тој наредил егзекуција на двајца цариници поради несоодветно постапување со увезената кинеска стока.
Пекинг во октомври во Пјонгјанг извезол стока во вредност од само 253.000 американски долари, што е пад од 99 отсто во споредба со претходниот месец, покажуваат податоците објавени од кинеската царинска управа. За споредба, тоа е помалку од вредноста на стоките што Кина ги извезуваше во Лихтенштајн и Монако во текот на октомври.
Кина е најголемиот трговски партнер на Северна Кореја, а пред ООН да воведат санкции за програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја во 2016 и 2017 година, Пекинг учествуваше со повеќе од 90 проценти од надворешната трговија на Пјонгјанг.
Сепак, според новите мерки, тој е дури подготвен целосно да ја прекине трговијата со Кина за да спречи влегување на коронавирусот во Северна Кореја, дури и ако тоа значи прекинување на резервите на храна и гориво во земјата. Потегот се смета за уште поекстремен, со оглед на тоа што Кина пријавува само неколку дневни случаи на новозаразени со коронавирус во последните месеци.
Северна Кореја сè уште не го признала падот на трговијата, ниту наредбите за егзекуција на царинските службеници. Севернокорејските државни медиуми објавија за време на викендот дека властите спроведуваат нови, поостри епидемиолошки мерки низ целата земја, вклучително и зголемување на бројот на граничарите.