Авганистан побара објаснување од Соединетите Американски Држави за коментарите на нивниот претседател Доналд Трамп, кој рече дека тој многу лесно би можел да ја добие војната со „бришење“ на целата земја, но „не сакал да убие 10 милиони луѓе“, објави „Ал Џезира“.

Контроверзната изјава, предтседателот Трамп ја даде во Белата куќа, каде оствари средба со премиерот на Пакистан, Имран Кан.

– Имам планови за Авганистан и доколку би сакал да победам во таа војна, Авганистан би бил избришан од лицето на планетата Земја. Војната буквално би била готова за 10 дена. Но, не сакам да одам во тој правец – кажа за медиумите Трамп.

Коментарите на американскиот претседател предизвикаа цврсти реакции од државниот врв на Авганистан, кој претходно беше исклучен од преговорите меѓу САД и талибанците.

– Нацијата на Авганистанците никогаш нема да дозволи некоја странска сила да и ја предодреди судбината. Додека владата на Авганистан ги поддржува обидите на САД за обезбедување на мир во земјата, владата подвлекува дека странски државници не можат да ја одредуваат судбината на земјата во отсуство на нејзинот државен врв – стои во изјавата на земјата од Блискиот Исток, барајќи дополнително објаснување на изјавата на Трамп.

За време на средбата во Вашингтон, Трамп рече дека Пакистан им помага на САД да извлечат од Авганистан, каде американците делувале како полицајци и не војувале никаква војна.

Вашингтон побара од Исламабад да направи притисок врз талибанците за целосно прекинување на конфликтот и учество во преговорите со авганистанската влада.

Повеќе од 20 илјади странски воени трупи, повеќе од нив американски, моментално се во Авганистан како дел од мисијата на НАТО предводена од САД за обучување, асистенција и советување на авганистанската војска. Дел од американските сили исто така спроведуваат и противтерористички операции, завршуваат од „Ал Џезира“.