Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Анкара е подотвена да помогне во намалување на тензиите помеѓу Пакистан и Индија.
– Ескалирање на тензиите помеѓу Индија и Пакистан на никого не му помагаат – изјави Ердоган.
Во четвртокот и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена да им понуди на Индија и Пакистан платформа за разговор.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Махмуд Куреши денеска изјави дека Исламабад е подготвен да ја прифати руската помош, но не знаел дали и Индија ќе ја прифати.
– Не сакаме војна, ние сакаме мир и секогаш зборувавме дека војната не е решение за проблемите – посочи Куреши.
Тој најави дека набрзо саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубир наскоро ќе го посети Пакистан во обид да се намалат тензиите помеѓу двете азиски нуклеарни сили.
Претходно, пакистански владин претставник најави дека Кина следната недела ќе испрати свој мировен посредник во Пакистан и во Индија.
Тензиите помеѓу Индија и Пакистан почнаа на 14 февруари по нападот врз припадници на индиската армија во Кашмир од страна на муслиманските сепаратисти, при што загинаа најмалку 40 војници. Њу Делхи за нападот го обвини Пакистан.
Како одговор на нападот, индиски борбени авиони извршија воздушни напади врз позициите на сепаратистите на територија на Пакистан.
На нападите пакистанската армија одговори со соборување на два индиски воени авиона, за кои тврди дека навлегле во воздушниот простор на Пакистан.