Италијанските власти наредија запленување на бродот Маре Џонио со 49 мигранти, кој вчера пристигна на пристаништето на островот Лампедуза.
Бродот Маре Џонио, на невладината организација Медитеране, во понеделникот спаси 49 мигранти од гумен чамец, на 78 километри од либискиот брег. Против екипажот на бродот, обвинителите започнаа истрага поради можно поттикнување на илегална миграција.
-Во Италија сега имаме Влада, која разбира што се граници и се грижи за почитување на законите, особено оние кои се однесуваат на криумчарење луѓе. Мигрантите ќе добијат храна, медицинска помош и други потреби, но, што се однесува до мене, тие нема да влезат во Италија- изјави вчера италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салдини.
Салвини ја обвини невладината организација Медитеране дека сторила кривичното дело за поттикнување илегална миграција. Тој тврди дека припадниците на Медитеране ја спречиле либиската крајбрежна стража да ги спаси мигрантите, која ќе ги вратела на либискиот брег.
– Исто така, екипажот на Маре Џонио се оглуши на командата на граничната полиција на Италија да не влегува во италијанските води и се упати кон Лампедуза, наместо да тргне кон Тунис или Либија, кои се поблиску од Лампедуза, рече министерот Салдини- додавајќи дека очекува екипажот на бродот да биде уапсен.
Островот Лампедуза е оддалечен 205 километри од Сицилија и 113 километри од Тунис.