Во фокусот на разговорите помеѓу Ким Јонг-ун и јужнокорејскиот колега ќе биде потпишувањето мировен договор, денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров, а се претпоставува и дека Сеул ќе бара спојување на семејствата што се разделени за време на војната во 1950-тите
По повеќегодишни провокации, закани и војни на зборови, лидерите на Северна Кореја и на Јужна Кореја денеска ќе имаат историска средба во демилитаризираната зона меѓу двете земја. Разговорите помеѓу Ким Јонг-ун и јужнокорејскиот колега Мун Јае-ин ќе бидат трета средба воопшто на највисоко ниво меѓу земјите соседи.
Светските медиуми пренесуваат дека Ким ќе мора да ја помине граничната линија на Јужна Кореја, бидејќи средбата ќе биде во „Куќата на мирот“ во јужниот дел на Панмунџом. Со тоа Ким ќе биде првиот севернокорејски лидер што бил на територијата на соседната држава од крајот на Корејската војна.
Во фокусот на третиот самит ќе биде потпишувањето мировен договор. Јужна и Северна Кореја имаат потпишано примирје, но не и мировен договор, што технички значи дека сѐ уште се во војна, која заврши во 1953 година. На средбата ќе се разговара и за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров, а се претпоставува и дека Сеул ќе бара спојување на семејствата што се разделени за време на војната.
За големиот интерес за разговорите помеѓу Мун и Ким доволно говори фактот дека се пријавени над 3.000 новинари од 380 светски медиуми. Првиот самит меѓу поранешниот јужнокорејски претседател Ким Дае-јунг и бившиот севернокорејски лидер Ким Јонг-ил, татко на актуелниот лидер, што се одржа во 2000 година, го следеа 1.392 новинари од 242 медиуми. Вториот состанок помеѓу поранешниот претседател Рох Му-хјун и Ким Џонг-ил во 2007 година го следеа 1.315 новинари од 276 медиуми.
Првите две средби траеја два дена и се одржуваа во Пјонгјанг.
На 13 јуни 2000 година поранешниот јужнокорејски претседател Ким Дае-јунг беше лично пречекан на аеродромот во Пјонгјанг од Ким Џонг-ил. И оваа средба беше пренесувана во живо во Јужна Кореја. На самитот беа потпишани договори за намалување на тензиите, за напредување кон обединување, за постигнување конечен мир и за обединување на разделените семејства. Средбата можеби му помогне на Ким Дае-јунг во 2000 година да ја добие Нобеловата награда за мир, но потоа беше засенето од откритието дека за одржувањето на самитот преку јужнокорејскиот конгломерат „Хјундаи“ биле платени 500 милиони долари за Ким Јонг-ил да се согласи на средба. Покрај другите обвинувања и поради аферата со исплатите на „Хјундаи“, шефот на кабинетот на Ким Дае-јунг, Парк Ји-вон во 2003 година беше осуден на 12 години затвор. И вториот самит се одржа во Пјонгјанг од 2 до 4 октомври 2007 година, на кој присуствуваат поранешниот претседател Рох Му-хјун и Ким Јонг-ил.
Средбата се случуваше за време на шестстраните преговори за нуклеарно разоружување на Северна Кореја, откако Пјонгјанг една година претходно изврши нуклеарно тестирање. Тогаш беше потпишана декларација со која се бара денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и траен мир, зајакнување на трговските и политичките врски и одржување средби на највисоко ниво.
Но со доаѓањето на власт на конзервативниот претседател Ли Мјунг-бак во 2008 година, Јужна Кореја се откажа од политиката за зближување со северниот. Потоа, во 2009 година Северна Кореја се повлече од шестстраните преговори и ја спроведе втората нуклеарна проба. По смртта на Ким Јонг-ил во 2011 година, на власт доаѓа неговиот син Ким Конг-ун, кој дополнително ја интезивира и зајакна нуклеарната и ракетна програма.
Ројтерс потсетува дека Северна Кореја има извршено шест нуклеарни проби и повеќе ракетни тестирања. На 9 октомври 2006 година Пјонгјанг го изврши првото подземно тестирање на нуклеарна бомба. Се проценува дека експлозијата имала сила помала од еден килотон. Втората нуклеарна бомба е тестирана на 25 мај 2009 година. На 12 февруари 2013 година е извршена третата подземна нуклеарна проба, со интензитет од 5,1 килотон.
Потоа следува четвртата нуклеарна проба, изведена на 6 јануари 2016 година. Севернокорејската армија тестираше хидрогенска бомба чија јачина беше проценета на 10 килотони. На 9 септември 2016 година е извршена петтата нуклеарна проба, со интензитет од 10 килотони. Ким Јонг-ун на 3 септември 2017 година даде зелено светло за тестирање термонуклеарно оружје, кога беше тестирана хидрогенска бомба наменета за интерконтинентална балистичка ракета. Таа беше петпати посилна од бомбата фрлена над Нагасаки на 9 август во 1945 година, кога загинаа 74.000 луѓе.
По повеќегодишна воинствена реторика, Ким во новогодишното обраќање до нацијата упати предупредување до СА, но и навести дека е отворен за дијалог со Јужна Кореја, за да се намалат тензиите на Полуостровот. Како чин на добра волја, Северна Кореја испрати политичка и спортска делегација на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја.
Ким на 21 април 2018 година најави дека го стопира тестирањето на балистичките ракети со голем дострел и оти ќе затвори еден полигон за тестирање. Но Пјонгјанг сѐ уште нема потврдено дека е подготвен да се откаже од постојниот нуклеарен арсенал.
Експертите оценуваа дека Ким Јонг-ун сака да ја зачува својата династија и да добие признание дека Северна Кореја е нуклеарна сила. Како втора негова цел се посочува укинување на санкциите кон Северна Кореја. Средбата е важна бидејќи од нејзиниот успех ќе зависат и „стартните“ позиции на Ким на претстојниот самит со американскиот претседател Доналд Трамп, кој е предвиден за мај или почетокот на јуни.