Индиската економија би можела да оствари добивка од 11 милијарди долари, бидејќи американско-кинеската трговска војна принуди некои компании да го преселат производството од Кина во Индија

Индија би можела да излезе најголем победник од американско-кинеската трговска војна, особено во секторите каде што САД воведоа големи царини за Кина. Па, така, индиската економија би можела да оствари добивка од 11 милијарди долари, бидејќи некои компании го преселуваат производството од Кина во Индија, се наведува во извештајот на сингапурската банка ДБС груп.

Трговската војна помеѓу Вашингтон и Пекинг веќе принуди некои производители да го преселат производството надвор од Кина, за да ги избегнат повисоките царини. Како резултат на тоа, југоисточните азиски земји, како Виетнам, често се посочуваат како победници од трговските тензии и промени. Индија, според извештајот, би можела исто така да профитира од новонастанатата ситуација.
– Индија би можела да го зголеми своето трговско влијание во текот на американско-кинескиот трговски конфликт, особено во оние области каде што се воведени американски царини против Кина. Покрај трговијата, диверзификацијата на инвестициските текови претставува шанса од која Индија може да профитира, бидејќи производителите бараат алтернативни дестинации за производство – оценува Радика Рао, економистка во ДБС Груп.

Сепак, индискиот удел во глобалниот извозен пазар е релативно мал. Па така, на пример, иако германското население е речиси 16 пати помало од индиското, германскиот извоз сочинувал околу 8,17 отсто од вкупната светска трговија во 2017 година. Индискиот извоз за истата година сочинувал само 1,68 процент од светската трговија.

Најголеми потенцијални добитници од трговската војна помеѓу САД и Кина се три сектори во Индија – фармацијата, хемиската и машинската индустрија.
– Индија веќе е конкурентна во тие индустрии на глобално ниво и најверојатно ќе биде добро позиционирана за да излезе во пресрет на дополнителната побарувачка во овие области – додава Рао.
Индиската фармацевтска индустрија покрива над половина од светската побарувачка на вакцини и 25 отсто од потребите за лекарства во Британија. Истовремено, Индија во 2017 година беше 12-ти по големина во светот производител на машински алати. Во САД и Европа завршува повеќе од 60 отсто од индиското машинско производство. Исто така, може да профитираат и текстилниот и електронскиот сектор во земјата. Тоа се должи на фактот дека извозот од САД и Кина ќе стане поскап како што ќе стапат во сила царините, а некои компании го преместуваат производството во други азиски земји, вклучувајќи ја и Индија.

– Индија на среден рок може да профитира од овој тренд, бидејќи глобалните производители сѐ повеќе се фокусирани на индискиот брзорастечки домашен потрошувачки пазар – оценува Раџив Бисвас, економски експерт од ИХС Маркит.
На пример, тајванскиот „Фокскон“ – најголемиот светски производител на електроника, каде што ги склопуваат производите на „Епл“ – годинава го пресели производството од Кина во Индија. Според Бисвас, тајванската компанија со тоа го диверзификува синџирот на производство од преголемата зависност од производството во Кина.


Лошата инфраструктура ги одвраќа инвеститорите

Недостигот од соодветна инфраструктура исто така е проблем во привлекувањето на инвеститорите, истакнува Сонал Варма, економист во Номура.
Тоа вклучува поврзување на фабриките за производство со соодветни патишта и пристаништа, како и обезбедувањето енергија. Индиската влада се обидува да подобри некои од овие политики, но потребно е време за тие целосно да бидат реализирани. Владата исто така се обидува да ги зајакне инфраструктурата и странските инвестиции во Индија преку буџетот од повеќе милијарди долари. Неодамнешните политички реформи се сметаат за чекор напред кон инвестициите. Па така, на пример, Владата дозволи странски инвестиции до сто отсто во ископувањето јаглен и ги олесни правилата за производство и за продажба.


Имотните реформи и работничките права најголеми предизвици

Бизнисите во Индија се соочуваат со два големи предизвици – законите за земјиште и регулативите за работа.
– Законите за земјиште се најголема пречка за развој на производството и инфраструктурата. Сегашните закони за земјиште му отежнуваат на приватниот сектор да се стекне со простор за производствени погони. Тоа се должи на фактот дека сопствеништвото на земја е фрамгентирано низ неколку сојузни држави и на компаниите им треба подолг период за да купат земја. Друг проблем е тоа што законите за работа се екстремно сложени во Индија. Постојат околу 40 законски акти и компаниите мора стриктно да ги почитуваат сите. Тоа значително им отежнува на производителите – наведува Кунал Кунду од Сосиете женерал.
Според Кунду, потребно е формулирање национална политика за вработување, особено таква што ќе им дозволи на производителите да се ослободат од вишокот работници во текот на негативните бизнис-циклуси.