На општите избори победи Индиската народна партија (БЈП) на премиерот Нарендра Моди, рече функционерката на таа партија и министерка за надворешни работи Сушма Свараџ, пренесува „Ројтерс“.
– Му честитам на премиерот за оваа голема победа на БЈП. Благодарна сум на луѓето во Индија – рече Свараџ.
Во исто време, регионалниот водач на главната опозициска Конгресна партија, Амариндер Синг, го призна поразот на неговата партија.
– Ја изгубивме битката – изјави Синг, кој е премиер на сојузната држава Пенџаб, за телевизијата „Индија тудеј“.
Гласањето на општите избори во Индија заврши на 19 мај со седмата и последна фаза која траеше повеќе од пет недели. Изборите се сметаа за референдум за Моди и БЈП, кој усвои националистички тон во обид да ги добие гласовите на хиндуистичкото мнозинство во земјата, заземајќи остар став против Пакистан.
Изборната комисија на Индија ќе ги објави конечните резултати од општите избори во текот на денот.
Според агенциите, Моди и неговиот БЈП се на пат да освојат мнозинство во долниот дом на индискиот парламент.