Популистичките партии во Европа за трипати ја зголемија поддршката во изминатите две децении, обезбедувајќи доволно гласови за да освојат мандати во националните парламенти и во Европскиот парламент, предизвикувајќи го постојниот политички поредок на континентот.
– До неодамна, популизмот беше феномен на политичката периферија – оценува Матијс Родуин, политички социолог од универзитетот „Амстердам“.
Популизмот против естаблишментот е во подем по финансиската криза во 2008 година и бегалската криза во Европа во 2015 година. Антиимигрантската Алтернатива за Германија е првата екстремно десничарска партија по Втората светска војна што освои мандати во парламентите на секоја сојузна држава, а има и 91 пратеник во Бундестагот. Популистите се во владите на 19 членки на ЕУ и ја уживаат поддршката на 170 милиони европски жители.