Падот на мостот Моранди во Џенова ја потресе Италија и ја разоткри запуштеноста на инфраструктурата во државата, но го остави неодговорено прашањето зошто ништо не беше преземено и покрај познатата лоша состојба на надвозникот, пишува „Њујорк тајмс“.
Жителите на италијанското пристаниште се во шок и жалат по загинатите (најмалку 39 лица го загубија животот). Членовите на семејствата на исчезнатите се во исчекување по информации за нивните блиски, додека градските власти објавија непотполн список на жртвите од Италија.
– Не ми одговорија на телефонските повици, а никогаш не стигнаа до нивната дестинација. Бевме во полиција, но тие не ни кажаа ништо. Само чекаме, сакаме да знаеме што се случи – вели Антонио Чичала, кој ги бара својот брат и неговата сопруга и ќерка.
Како што се разоткрива судбината на настраданите, јасно е дека во несреќата животите ги загубиле луѓе од повеќе држави. Автопатот што поминува преку мостот е вообичаена рута за романските камионџии кои живеат во близината на Париз. Четворица француски државјани се исто така меѓу жртвите, а медиумите ја забележаа и сликата од семејство од Албанија чии членови тажеа над телото на 22-годишно момче во мртовечницата во Џенова.
Сопственикот на компанија за селење од Франција, Вилијам Бен Лу Лу, допатувал во Џенова кога неговата ќерка забележала еден од неговите камиони на сликите од несреќата. Тој не знаел што се случило со двајца од неговите вработени, Романци, кои транспортирале мебел.
– Се обидов да им се јавам на моите возачи, но не можев да ги добијам. Ми кажаа дека едниот од нив би можел да биде на интензивна нега – вели Лу Лу, кој подоцна го идентификувал телото на другиот возач.
Жителите во предградието Сампјердарена, кое се наоѓа под надвозникот, беа евакуирани по несреќата. Тие се револтирани од случувањата.
– Посакувам веќе да не се случуваат вакви глупости и работите да почнат да се прават на подобар начин за генерациите кои доаѓаат. Изморени сме од плачење по мртвите – порача Мариса Спиганти.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте прогласи 12-месечна вонредна состојба во Џенова и вети финансирање на спасувачките напори со пет милиони евра.