Во Кина од смртоносниот коронавирус досега починаа 170 луѓе, а инфицирани се повеќе од 7.700. Одборот за вонредни ситуации во Светската здравствена организација денеска повторно ќе проценува дали новиот коронавирус сега претставува вонредна ситуација. Според информациите излечен е првиот пациент.
Медиумите пренесуваат дека првиот излечен пациент е Јанг Ли, кој има 34 години. Тој работел во едно претпријатие во Вухан. Инфекцијата кај него била регистрирана на 9 јануари, а на лекување заминал на 21-ви јануари. По десет дена e отпуштен од болницата во Сечуан.
– Се восхитувам на посветеноста на медицинскиот персонал. Тие се прекрасни. Треба да веруваме дека лекувањето кое го спроведува експертскиот тим во медицинскиот центар и грижливата нега на медицинските сестри водат до брзо опоравување. На сите пациенти им посакувам брзо опоравување – порача Јанг Ли.
Во градот Хуанганг е отворена првата болница за лекување болести предизвикани од коронавирусот. Уште една се гради во близина на Вухан. Како што се најавите, ќе биде готова за седум дена.
Првите пациенти ќе бидат примени на 3 февруари, а медиумите пренесуваат дека Кина гради уште четири болници, за да го спречи ширењето на болеста опасна по животот.