Соединетите Американски Држави не можат да се справат со се почестите закани од нападите изведени од „домашни терористи“. Ова прашање предизвика загриженост кај законодавците и официјалните лица за домашна безбедност. Според нив, постои празнина во кохезивната стратегија за решавање на проблемот, како и лимитирани ресурси кои се предвидени за ваквите проблеми, пренесуваат американските медиуми.

ФБИ во последниве месеци бележи случаи на напади изведени од десничарски екстремисти кои најчесто имаат бела боја на кожата. Претседателската администрација, Конгресот и извршната власт бавно реагираат на ваквата опасност која се повеќе тлее во земјата.

Според новонаправена студија, напорите насочени кон борбата против домашниот тероризам не се третираат од ФБИ на ист начин како тероризмот во политички цели.  Министерството за правда ги третира како „домашен терористички случај“ најновите напади изведени во Тексас и во Охајо.

И покрај зачестеноста на ваквите случаи, не постои федерално обвинение за „домашен тероризам“. Најчесто обвиненијата се поврзуваат со поседување на оружје, дело извршено од омраза или обид за убиство, бидејќи САД немаат закон за ваков вид напади и нема точно одредена владина агенција која се справува со истите.

– ФБИ отвора случаи за кривични прекршоци, а не за идеологи во кои домашните терористи веруваат, или за здруженијата во кои членуваат – вели Бред Вигман од Одделот за национална безбедност.

Токму тука е проблемот. Сличноста со тероризмот во политички цели и домашниот тероризам е сосема воочлива. Напаѓачите најчесто се осамени лица, индоктринирани со омраза на Интернет, исто како и исламските терористи.

Домашните терористи воглавно се водени од омразата поврзана со антивладини ставови, расна или верска нетрпеливост. 

Според аналитичарите, Конгресот треба да изврши измени во законите со кои се третира домашниот тероризам. Некои, пак, ја согледуваат причината за проблемот кај недоволните  ресурси за надгледување и третирање на потенцијалната опасност од ваквите напади.

Годинава, сепак, беше најавено создавање на нов оддел со цел за спречување тероризам и „акти на насочено насилство“, било тоа да е на расна, етничка или идеолошка основа.


Домашниот тероризам најчесто е предизвикан од теориите на заговор

Федералното истражно биро (ФБИ) за првпат ги наведе теориите на заговор како извор и мотивација за изведување на домашни терористички напади. Според извештајот,  утврдени се неколку специфични случаи на домашен екстремизам предизвикани од случаи претходно непокриени од медиумите, но исто така и антивладини идеологии и десничарски екстремизам.

– Иако насилството предизвикано од теориите на заговор не е нова појава, пристапот до информации го смени начинот на кој овие теории се појавуваат и шират. Социјалните мрежи овозможуваат на пропагаторите лесно да ги споделуваат и пласираат теориите на заговор и да допрат до голем број потенцијални „жртви“ кои ќе бидат индоктринирани и ќе делуваат во нивно име – се наведува во извештајот на ФБИ.