Зарем Европа не е одговорна за судбината на еден од најдоверливите сојузници во борбата против Исламска држава (ИД)? Дали Европа не е нималку засегната од стратешката и морална катастрофа предизвикани од оставање на полето отворено за Турција, Русија, Иран и за џихадистите кои Курдите ги држеа, а кои сега се во рацете на Башар ал Асад и Реџеп Таип Ердоган, пишува францускиот интелектуалец Бернар-Анри Леви во колумната за „Волстрит џурнал“.
Сирија во 2019 година, не е Босна во 1995 година. Но зарем не може истото јадро на европски држави кои тогаш испратија 4.500 војници во операциите во непријателска средина, сега да испрати 2.000 војници на границата со државата која уште се преправа дека е сојузник во НАТО.
Зошто Франција, Велика Британија и други европски држави не ја искористат приликата да испратат, не армада, ни полк, туку неколку стотици елитни трупи за да ги заменат оние што до неодамна ја штитеа северна Сирија.
Макрон го прогласи НАТО за мртво во интервју за „Економист“. Се чини дека тој знае подобро од сите дека се врти нова страница во историјата на Западот и дека Европа ќе треба повторно да ја осмисли сопствената безбедност. Тој исто така знае дека искрата потребна за колективната европска одбрана која тој енергично ја бара уште од неговиот избор, можеби лежи помеѓу Ербил и Рака.
Чукна часот на Макрон. Тоа е пораката упатена до него од страна на многуте Американци со добра волја – републиканците, демократите и партиски неопределените кои имав прилика да ги сретнам на еднонеделната турнеја низ Америка за поддршка на Курдите во соработка со њујоршката непрофитна организација „Правда за Курдите“, пишува Леви, заклучувајќи „нека господинот Макрон дејствува, не против, туку заедно со поголемиот дел од САД“.