Замислете ги потешкотиите со кои се соочуваат политичките кандидати во Мјанмар кои мораат да ја добијат, не само довербата на народот, туку и на водството на армијата, за да дојдат на власт. Националната лига за демократија, партијата предводена од Аунг Сан Су Чи, е успешна кога станува збор за првата задача. Таа убедливо победи на минатите два изборни циклуса, но не е добра во исполнување на втората задача. Во понеделникот, додека избраните пратеници се подготвуваа за влез во парламентот, армијата ги уапси, соопштувајќи дека таа ќе управува со државата, пишува „Економист“.
Малкумина надвор од Мјанмар го предвидоа воениот удар, наспроти изјавите од воената команда, бидејќи армијата веќе имаше контрола во азиската држава. Според уставот издејствуван од армијата, шефот на армијата командува со безбедносните служби. Системот е осмислен за да ги штити интересите на армијата, без разлика на мислењето на гласачите. Па затоа се поставува прашањето зошто генералите би го менувале? Тоа се случува бидејќи военото водство на Мјанмар јасно се обидува да го наметне авторитетот во долгорочен систем кој наликува на демократија. Но таквите системи главно се нестабилни.
Политичарите во потемкин-демократиите затоа постојано бараат начини за да ги заобиколат пречките поставени од оние кои се вооружени. Су Чи секогаш беше внимателна кога зборуваше за армијата, но нејзината партија убедливо ја победуваше онаа поддржана од генералите, освојувајќи 12 места во парламентот повеќе на изборите одржани во ноември минатата година. А таквата состојба генералите не можеа да ја прифатат. Тие мислеа дека ќе ја тргнат Су Чи настрана, оневозможувајќи ја да ја заземе претседателската функција, но таа осмисли нова положба – „државна советничка“, која ја постави над претседателската функција.
Армијата на Мјанмар по воениот удар би можела да се соочи со незадоволството на граѓаните. Таа ги сузбиваше мирните протести во повеќе наврати во изминатите неколку години. Но армиското водство се надеваше дека ќе ја избегне таквата состојба. Во таа смисла, воениот удар претставува пораз за генерали, иако ги „згази“ демократските сили во државата, заклучува „Економист“.