Усовршувањето на антимикробните терапии со употребата на наночестички од злато досега претставуваше мака за научниците во борбата против бактериите. Во нова, заедничка соработка кинеските и британските научници успеаја да ги усовршат златните нанокластери да станат попривлечни за бактериите, па во битката со нив да предизвикуваат помала штета за нашето тело, пренесува „Сајенс алeрт“.
Отпорноста на антибиотиците, т.е. антибиотската резистенција, кога тие не успеваат да се изборат против бактериите, е се поголем светски проблем. Тој, меѓу другото, се должи и на злоупотребата на антибиотиците.
Тимот од научници изградил златна честичка што има потенцијал да ја пробива одбраната на многу основни бактериски патогени, без притоа да остане во телото и да им наштети на околните ткива. Во претходни терапии со наночестички, златото не секогаш ги разликувало бактериите од клетките на домаќинот, изложувајќи ги на ризик.
Научници од Јужниот универзитет за наука и технологија и Универзитетот Фудан во Кина и од Универзитетот во Лидс во Велика Британија ги здужиле силите за да ги препакуваат златните наночестички на два начина. Првиот е прецизна контрола на нивната големина, односно одржување честичките да не бидат поголеми од два нанометри, што помага тие подобро да поминат низ нашите бубрези, односно побрзо да излезат од нашиот организам. Втората е инкорпорирање на лепливи хемиски структури, наречени лиганди, кои овозможуваат честичките лесно да се следат и помага во контролирањето на нивниот облик.
Победничката формула е базирана на комбинација од позитивно наелектризирано соединение наречено пиридиниум и цвитерион, соединение кое има позитивно и негативно наелектризирани групи. Пиридиниумот помага честичките од злато да бидат попривлечни за бактериите, додека цвитерионот бил избран врз основа на минати студии кои покажале подобрена стабилност и зголемена компатибилност со ткивата за време на терапијата.
– Со прилагодување на односот на двата лиганди, идентификувавме начин за користење на златните нанокластери не само да дејствуваат како ефективни антимикробни агенси, туку и како механизам за подобрување на моќта на антибиотиците, кои во изминатите години станаа неефикасни поради отпорноста што кон нив ја развија бактериите – вели Деџијан Жоу, хемиски инженер од Универзитетот во Лидс.
Зголемената отпорност на антибиотиците е еден од поголемите проблеми во модерната медицина. Научниците сметаат дека токму ова може да биде „златната шанса“ во борбата против болестите кои во минатото однеле толку многу животи.