Либералниот поредок од 1990-тите години се распадна, а пандемијата ја открива потребата за побрзо да го оставиме зад себе овој период пред да успее да се врати
Автор: Том Мектаг
Атлантик
Кога го пишував овој текст, веднаш ме натера да размислувам за нашата златна ера. Дури неодамна, во западните демократии конечно настапи меѓусебна хармонија и очигледно се решија дотогашните најголемите идеолошки конфликти. Владите беа либерални, отворени, современи, а во нивните држави немаше незадоволство кое сега се чини дека им е главна карактеристика. Фразата „светската војна против тероризмот“ сè уште не постоеше, Кина не беше во подем, а Европа чекореше по стабилен пат на една унија со тесни врски, заштитена и поддржана од единствената сила која беше важна на планетата Земја, а тоа беа САД. Сето ова се случуваше во 1990-тите години.
Овој свет веќе одамна е зад нас. Денес, соочени со пандемија која се случува еднаш во сто години, која самата се јави како резултат на големата финансиска криза од 2008 година, терористичките напади од 11 септември, војните во Авганистан и Ирак, преминатите црвени линии во Сирија и подемот на Владимир Путин, Си Џинпинг, Доналд Трамп и брегзит, неверојатната моќ, престиж и чувство за неизбежен триумф кој Западот го доби пред само неколку децении сега одеднаш исчезнаа. Дали вака заврши американската ера, а започна кинеската?
За да се сфати што се случи и зошто е важно, разговарав со политичари, експерти за надворешна политика и владини претставници од САД и Велика Британија. Иако имаше мал консензус за прашањата кога и како завршила претходната ера или што тоа ќе значи во иднина, почна да се формира едно општо сфаќање дека златата ера на деведесеттите години всушност воопшто не беше златна. Како историјата на падот и пропаста на Римското царство, таа имаше структурни и суштински маани нарушени од арогантното верување во сопствениот мит на неизбежна супериорност.
За многумина, без разлика дали се од радикалната левица или од популистичката десница, како се оддалечуваме од 1990-тите и раните 2000-ти години, толку попроблематичен станува тој период на екстремно брза глобализација, навидум безопасниот влез на Кина во Светската трговска организација (СТО), формирањето на заедничка европска валута без неопходните алатки тоа да се изведе, неуспехот да се регулираат кредитите со незадоволителни услови, неспорната поддршка за слободниот тек на работна сила и капитал и очигледно бескрајните војни на Блискиот Исток.
Брзиот распад на либералниот демократски светски поредок на многу од неговите поранешни западни жители им нанесе трауми и останаа политички бездомни, да лутаат низ денешниот разрушен пејзаж во една општа состојба на жалост, и во надеж дека можат да се вратат старите времиња. Сепак, според луѓето со кои што зборував, пандемијата ја откри потребата што поскоро да се оддалечиме од ова време, а не да итаме кон него. Денешните проблеми се токму резултат на грешките од тоа време.
Ретроспективно, постои огромна доза на наивност, како неуспехот да се предвиди ненадејниот бран на движење на луѓе од Источна Европа по процесот на проширување на ЕУ и влијанието на истиот врз домашната политика, импровизациите и брзите политички мерки што ги носеше европската заедничка валута што се одразија по 2008 година, неуспехот да се направи Маршалов план за Русија по распадот на Советскиот Сојуз или да се предвиди реакцијата на Русија по експанзијата на НАТО, војните на Блискиот Исток и, секако, големото отворање на Кина, и како тоа ги забрза промените во светската економија.
Не е јасно кога точно заврши оваа ера. За некои мои соговорници, таа заврши на 31 декември 1999 година, денот кога Владимир Путин застана на чело на Русија или во 2000 година, кога Бил Клинтон го потпиша законот за „трајни, нормални трговски релации“ со Кина или на 11 септември 2001 година, што предизвика дводецениски немири на Блискиот Исток. Други сметаат дека тоа се случи во 2003 година со интервенцијата во Ирак или брзите промени во ЕУ од 1999 до 2004 година, меѓу кои и воведувањето на единствената валута и проширувањето кон исток.
Ако во 2005 година го гледаме заминувањето на старата ера, тогаш 2008 е годината кога тоа конечно се случи. Токму тогаш настана големиот крах, првата криза во светската економија. Општо земено, овие настани јасно покажуваат дека стариот свет беше толку сигурен во себе, што ги посеа семињата за многу предизвици со кои денес се соочуваме, како што е стратегиското ривалство на Кина, рускиот реваншизам, нестабилноста на НАТО, контрадикторностите во ЕУ, како и британската и американската криза на самодоверба и идентитет.
Во 1990-тите и раните 2000-ти години, силно потпирајќи се на идеолошката сигурност и геополитичката сила, Западот не сфати дека ѕидовите кои ги штитеа граѓаните беа еднакво несигурни како нив. Охрабрена од сопствениот успех, новата генерација на лидерство сметаше дека имаше подобри одговори од претходната, челниците на империјата на либералната демократија која всушност беше изградена на илузија. За 20 години, ние откривме дека мултилатерализмот и либералниот интервенционизам се поволни, но не и неопходни, дека државата-нација не исчезнува, дека идеологијата и идентитетот сè уште им се важни на луѓето, дека глобализираната економија не функционира добро и дека не е неизбежна западната доминација. Сега кога се соочуваме со пандемијата на коронавирусот, откривме дека економиите во светот можат прекуноќ да забележат пад од 20 отсто поради една заразна респираторна болест која се пренесе на човекот од лилјаците некаде во Кина.
Некои мои соговорници тврдеа дека секаква анализа на оваа ера не треба да оди во крајна граница и да се заклучи дека ништо од 1990-тите и раните 2000-ти години повеќе не постои. Секој од големите настани што се случија во изминатите две децении по крајот на векот ја промени политиката, но постепено се манифестираше во изборните циклуси и кај оние во позиција на моќ. Истото сигурно ќе важи и за пандемијата. Секој настан од изминатите 20 години ја наруши политичката сигурност која ја зедовме здраво за готово. Сега Западот е принуден да мине низ нова голема криза која може да има поголеми размери и сериозност од онаа од терористичките напади од 11 септември, последователните војни, Арапската пролет, проширувањето на ЕУ и финансиската криза.
Превод: Билјана Здравковска